По истрагата за терористичкиот напад врз еврејската заедница на плажата Бондаи е утврдено дека Саџид Акрам имал дозвола за шест парчиња ловечко огнено оружје.
Комесарот на полицијата на Нов Јужен Велс, Мал Лањон, изјави дека таткото имал дозвола за оружје од 2015 година и додаде дека бил член и на стрелачки клуб.
Австралиските медиуми објавија дека таткото бил член на Ловечкото здружение „Застава“, кое се наоѓа во Бонириг, на помалку од два километри од нивниот дом.
Лањон изјави дека Саџид Акрам „ги исполнувал условите“ за дозвола за рекреативен лов, позната и како А/Б дозвола, и дека „согласно со Законот за огнено оружје имал право да му биде издадена дозвола за огнено оружје“.
Ловечкото здружение „Застава“ ја обединува српската дијаспора во Сиднеј. Како што може да се види на нивната страница на Инстаграм, покрај организирање ловечки тури, тие организираат и пикници и дружења под шатори со српска фолк-музика.
Медиумите пишуваат дека предуслов за членство во ова здружение е поседување огнено оружје и дека Саџид бил член заради рекреативен лов.
Локалните медиуми објавија дека таткото и синот вежбале гаѓање на стрелиштето во Сесил Парк, кое е во сопственост и под управа на владата.
Балистичката и форензичката истрага ќе утврдат дали шесте запленети парчиња огнено оружје се истите шест за кои Саџид имал дозвола.
На социјалните мрежи беше објавена фотографија од паричникот на 24-годишниот напаѓач Навид, на која се гледа дека меѓу документите имал и членска карта од Ловечкото здружение „Застава“.
Претседателот на здружението, Вања Кужет, за „Блиц“ потврди дека Навид Акрам бил нивен член и дека вежбал пукање.
„Тој човек не доаѓал кај нас повеќе од пет години, не се сеќавам ниту го паметам неговото лице. Имаше наша членска карта, но ние не издаваме дозволи за оружје. Дозволите се добиваат преку полиција, ние не сме овластени лица, ние само спроведуваме обука. Го третираме како секој друг клиент“, изјави Кужет за „Блиц“.
Тој објасни дека Акрам доаѓал на обука за безбедност и учел како се лови во Нов Јужен Велс. „Спроведуваме лов на елени, диви свињи и кози. Ние ниту поддржуваме, ниту се поврзуваме со вакви злосторства и ужасно е тоа што се случи“, изјави претседателот на здружението.
Тој додаде дека полицијата веќе ги контактирала во врска со членството на напаѓачот од плажата Бонди во нивниот клуб.






