понеделник, 23 март 2026

Нападнати се руски пристаништа на Балтикот, прекинат е извозот на нафта (ВИДЕО)

Руските балтички пристаништа Приморск и Уст-Луга, најголемите извозни јазли за нафта и нафтени деривати, го прекинаа извозот на сирова нафта и гориво по вчерашните напади со беспилотни летала, потврдиле за Ројтерс два индустриски извори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Прекинот дополнително го продлабочува глобалниот недостиг предизвикан од затворањето на Ормускиот теснец од страна на Техеран поради војната на Соединетите Американски Држави и Израел против Иран. Гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко, изјави дека по нападот со дронови во Приморск, неколку резервоари за гориво се запалиле, но не го спомна прекинот на извозот на нафта.

Сè уште не се знае дали пристаништето Уст-Луга претрпело некаква штета. Трањснефт, рускиот гигант за гасоводи кој управува со обете пристаништа, не одговорил на барањата за коментар.

Приморск, кој може да извезува повеќе од еден милион барели сирова нафта дневно, е важен извозен центар за руската нафта од Урал и висококвалитетен дизел. Според изворите, минатата година Уст-Луга извезол 32,9 милиони тони нафтени деривати, а Приморск 16,8 милиони тони. Уст-Луга обработува околу 700.000 барели нафта дневно.

Украина редовно ги напаѓа руските извозни нафтени капацитети и рафинерии за да ја ослаби економијата на Русија поради воениот конфликт, кој сега е во четвртата година. Киев се нема огласено нападите врз руските балтички пристаништа.

Извозот на нафта беше прекинат и кога Приморск беше нападнат во септември. Овој месец, нападите со беспилотни летала влијаеле и на извозот на нафта од Новоросијск, најголемото руско пристаниште на Црно Море.

Дрозденко објави дека во последните напади над регионот Ленинград биле соборени 35 беспилотни летала, додека руското Министерство за одбрана објави дека вкупно 249 беспилотни летала биле пресретнати и уништени над Русија во текот на ноќта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ