понеделник, 9 март 2026

Нападите врз складиштата за нафта – прво сериозно несогласување меѓу Израел и САД од почетокот на војната

Израелските напади врз 30 ирански складишта за гориво во саботата биле значително поголеми отколку што САД очекувале, иако претходно биле известени за нив, што го предизвика првото посериозно несогласување меѓу двата сојузници од почетокот на војната пред осум дена. Информацијата ја потврдиле американски функционер, израелски функционер и извор запознаен со ситуацијата, пишува Аксиос.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

САД се загрижени дека израелските напади врз инфраструктура што ја користи и цивилното население би можеле да имаат стратегиски контраефект, обединувајќи го иранското општество во поддршка на режимот и поттикнувајќи раст на цените на нафтата.

Саботните напади на израелските воздухопловни сили предизвикаа огромни пожари во Техеран, со пламен видлив километри далеку, додека густ чад го покри главниот град.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) во соопштение наведоа дека иранскиот режим ги користи складиштата за гориво „за снабдување на различни потрошувачи, вклучително и своите воени сили“.

Израелски воен функционер изјави дека нападите делумно имале цел да испратат порака до Иран да престане да ја напаѓа израелската цивилна инфраструктура.

Фото: ЕПА

Израелски и американски функционери потврдија дека ИДФ однапред ја известил американската војска за нападите. Сепак, американскиот функционер тврди дека обемот на нападите ја изненадил американската страна.

„Не мислиме дека тоа беше добра идеја“, рекол високиот американски функционер.

Еден израелски функционер ја опиша американската реакција кон Израел со зборовите: „Нивната реакција беше во стилот ‘Што ви е, по ѓаволите?’“.

Белата куќа и ИДФ не сакале да ја коментираат ситуацијата.

Иако погодените објекти не се постројки за производство на нафта, американските функционери стравуваат дека снимките од запалените складишта би можеле да ги вознемират нафтените пазари и дополнително да ги зголемат цените на енергенсите.

„На претседателот не му се допаѓа овој напад. Тој сака да ја зачува нафтата, а не да ја гори. А тоа луѓето ги потсетува на повисоки цени на горивото“, рекол советник на Трамп за Аксиос.

Фото: ЕПА

Портпаролот на иранскиот штаб Катам ал-Анбија, кој ги надгледува воените операции, во саботата предупреди дека Техеран би можел да одговори со слични напади низ регионот доколку продолжат нападите врз иранската нафтена инфраструктура.

Тој додаде дека Иран досега не ја напаѓал регионалната енергетска инфраструктура и се закани дека, ако тоа се случи, цената на нафтата би можела да достигне 200 долари за барел.

Претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Галибаф, еден од највисоките функционери на режимот, предупреди дека Иран, доколку продолжат нападите врз инфраструктурата, ќе возврати „без одложување“.

Американскиот функционер рекол дека се очекува несогласувањата, како и американските очекувања за понатамошниот тек на војната, да се решаваат на високо политичко ниво меѓу двата сојузници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ