„Главниот бран на евакуација на вработените на Росатом од Иран започна денес според планот“, изјави генералниот директор на Росатом Алексеј Лихачов, а пренесува агенцијата ТАСС.
Автобусите со 198-те лица се упатиле кон ерменската граница „околу 20 минути по новиот напад“ врз сектор на нуклеарната централа, кажа тој, додавајќи дека тоа е „најголемата евакуација“ на руски персонал од таа централа од почетокот на војната на Блискиот Исток.
Комплексот на таа централа на југот на Иран беше погоден денес во американско-израелски напад, во кој беше убиен еден обезбедувач, објавија иранските државни медиуми. Русија делумно ја изгради таа централа, а руски техничари помагаат во нејзиното работење.
„Остро го осудуваме овој катастрофален чин“, изјави портпаролката на руското министерството за надворешни работи Марија Захарова во соопштението, барајќи нападите „врз нуклеарните објекти на Иран, вклучувајќи ја и нуклеарната централа Бушер, веднаш да престанат“.
Ова е четврти пат областа што се наоѓа на брегот на Персискиот Залив да биде цел на напад од почетокот на војната на Блискиот Исток, која ја почнаа Израел и Соеиднетите Американски Држави со нападите врз Иран на 28 февруари, според иранската новинска агенција ИРНА.
„Веројатноста за ризик од штета или потенцијален нуклеарен инцидент за жал само се зголемува од ден на ден, како што покажаа настаните од утрово“, им рече Лихачов на руските новинари. Неколку десетици руски граѓани веќе беа евакуирани од електраната во првите денови од војната.
На 25 март уште 163 вработени го напуштија местото по нападот, а Лихачов потоа ја отфрли можноста за целосно заминување на вработените во Росатом, тврдејќи дека „неколку десетици луѓе“ треба да останат на местото.






