Втора година по ред убиствата на новинари достигнуваат рекордно високо ниво, а втора година по ред Израел е одговорен за две третини од тие убиства, според годишниот извештај на КПЏ, независна организација со седиште во Њујорк која документира напади врз медиумите.
Со израелски оган се убиени 86 новинари во 2025 година, претежно Палестинци во Газа, но и 31 работник во напад врз медиумски центар на хутите во Јемен, вториот најсмртоносен напад што КПЏ некогаш го регистрирал, според извештај пренесен од Ројтерс.
Израел е одговорен и за 81 процент од 47-те убиства кои КПЏ ги класифицира како намерни таргетирани убиства или „атентати“. Организацијата вели дека вистинскиот број е веројатно поголем поради ограничениот пристап кој го отежнува потврдувањето на податоците во Газа.
Израелската армија не одговорила на барањето на Ројтерс за коментар и претходно објави дека нејзините трупи во Газа ги таргетираат само борците, но дека дејствувањето во воени зони носи ризици. Израел призна во септември дека го таргетирал медиумскиот центар во Јемен, опишувајќи го во тоа време како пропагандно крило на хутите.
Во неколку случаи Израел призна дека ги таргетирал новинарите во Газа за кои тврди дека се поврзани со Хамас, но без да обезбеди проверливи докази. Меѓународните медиумски организации силно негираа дека убиените новинари имале врски со милитантите. КПЏ ги нарече ваквите обвинувања од Израел „смртоносни клевети“.
Израел не дозволува странски новинари да влезат во Газа, па затоа сите медиумски работници убиени таму се Палестинци.
Во извештајот се наведува дека „израелската војска сега извршила повеќе намерни убиства на новинари од која било друга војска на која било влада досега“, истакнувајќи дека КПЏ почнала со собирање на податоците пред повеќе од три децении.
Во извештајот се наведува дека најмалку 104 од 129 убиени новинари биле поврзани со конфликт. Освен Газа и Јемен, меѓу најсмртоносните земји за новинарите се Судан, каде што се убиени девет, и Мексико, каде што се убиени шест новинари. Четири украински новинари биле убиени во напади на руските сили, а тројца новинари загинале на Филипините, се наведува во соопштението.
Русија негира дека намерно ги таргетира новинарите и ја обвини Украина дека ги таргетира руските новинари, што Киев го негира.
Меѓу убиените минатата година беше и новинарот на Ројтерс, Хусам ал-Масри, кој беше убиен во август од израелски оган додека известуваше во живо од болницата Насер во Газа. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изрази жалење за нападот, во кој беа убиени уште четири новинари, нарекувајќи го „трагична грешка“.
Израелската војска претходно соопшти дека таргетирала камера на Хамас, но истрагата на Ројтерс утврди дека уредот ѝ припаѓал на агенцијата.






