Откако во јавноста излегоа податоци за злоставувања во државните установи за деца и млади, во саботата во Будимпешта повеќе од 50.000 луѓе побараа оставка од премиерот Орбан. Демонстрантите извикуваа пароли како „Орбан, губи се!“, а собирот го организираше опозицискиот лидер Петер Маѓар, претседател на партијата Тиса, која според анкетите води во пресрет на парламентарните избори планирани за пролет. Маѓар ја предводеше протестната поворка носејќи транспарент со натпис „Да ги заштитиме децата“.
„Во нормални околности, во ваков случај би паднала владата“, изјави за агенцијата АФП 16-годишниот демонстрант Давид Козак. „Нив не ги загрижуваат случаите на злоставување, туку тоа што тие беа откриени“, додаде тој, мислејќи на владејачките структури.
Секое петто дете жртва на злоставување
Орбан тврди дека заштитата на децата е еден од највисоките приоритети на неговата политика уште од враќањето на власт во 2010 година. Сепак, во последните години неговата влада ја следат бројни скандали поврзани со злоставување малолетници во системот на државна грижа.
Извештај на унгарската влада од 2021 година, кој партијата Тиса го објави во петокот, укажува на широко распространето злоставување во детските домови. Во документот се наведуваат околу 3.000 сомнителни случаи на злоставување, што претставува повеќе од една петтина од сите малолетници под државна грижа. Министерството за внатрешни работи соопшти дека извештајот во 2022 година бил доставен до надлежните институции „со цел поддршка на нивната работа“.
Според податоците од извештајот, повеќе од 320 деца биле жртви на сексуално насилство, додека 77 претрпеле физичко злоставување. Вработените во установите предупредувале и дека полицијата и државното обвинителство често ги прекинувале истрагите без подигнување обвиненија, најчесто со образложение „недостиг од докази“.
Капката што ќе ја прелее чашата?
Неодамна откриениот случај на насилство во малолетнички затвор во Будимпешта дополнително ја вознемири јавноста. На снимка од надзорна камера се гледа како директорот на установата удира момче со нога во главата. Четворица вработени беа приведени во почетокот на неделата, а владата ги стави сите такви установи под полициски надзор.
Претходно беа уапсени уште тројца вработени, меѓу кои и поранешен директор обвинет за водење синџир на проституција. Најновиот скандал многумина во Унгарија го доживуваат како пресвртна точка, која би можела да има силен политички одек во пресрет на клучните избори следната година.






