Претходно, локалните болници соопштија дека меѓу загинатите има најмалку 22 деца.
Нападите се случија еден ден откако Хамас ослободи заложник, израелско-американски државјанин, и додека претседателот Доналд Трамп е во посета на Саудиска Арабија.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека „нема шанси“ Израел да ја прекине војната во Газа, со што ги намали надежите за прекин на огнот.
Нападите се случија во зори во кампот Џабалија во северниот дел на Појасот Газа и западно од Кан Јунис на јужната територија.
Портпаролот на цивилната одбрана Махмуд Басал во Газа претходно потврди дека најмалку 25 луѓе биле убиени во Џабалија, додека четворица биле убиени во Кан Јунис.
Палестинската цивилна одбрана синоќа објави дека најмалку седум лица загинале во израелските напади во јужниот дел на Појасот Газа, додека израелската армија потврди дека ја гаѓала областа.
Како што синоќа за агенцијата Франс прес изјави Ахмад Радван, шефот за комуникации на цивилната одбрана во јужниот дел на Појасот Газа, според првичната проценка, седум лица загинале, а 30 се ранети во израелското бомбардирање во близина и во дворот на европската болница во Кан Јунис.
Тој рече дека биле извршени девет израелски воздушни напади.
Фотографот Амро Табаш рече дека тоа било апсолутно катастрофална сцена, дека нападот бил извршен иако Светската здравствена организација во болницата ги подготвувала ранетите деца да бидат евакуирани од Газа следниот ден. Тој рече дека сите во болницата, и болни и ранети, трчале во паника, некои со патерици.
Израелската војска соопшти дека го гаѓала контролниот центар на Хамас лоциран во подземната инфраструктура под Европската болница во Кан Јунис.
„Терористичката организација Хамас продолжува да ги користи болниците во Појасот Газа за своите терористички активности, со што ја демонстрира својата цинична и брутална употреба на цивилното население присутно во болницата и нејзината околина“, додаде армијата.
Претходно денеска израелската војска објави и дека е извршен втор напад врз командниот центар лоциран во болницата Насер, исто така во Кан Јунис.
Министерството за здравство на Хамас соопшти дека две лица се убиени, а неколку други се ранети. Според Цивилната одбрана, една од жртвите е новинарот Хасан Аслих.