четврток, 1 јануари 2026
На Швајцарските Алпи

Најмалку 40 мртви, главно млади луѓе, во пожарот на новогодишната забава во Кран-Монтана (ВИДЕО)

Локалната полиција соопшти дека нивната прелиминарна бројка е околу 40 загинати, со приближно 115 повредени, во пожарот што избувна рано утринава во бар во туристичкото место Кран-Монтана.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Околу 40 лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени, од кои многумина тешко, во пожарот во бар во скијачки центар во Швајцарските Алпи за време на новогодишна прослава утрово. Швајцарскиот претседател изјави дека тоа е „една од најлошите трагедии што нашата земја некогаш ги доживеала“.

Пожарот избувнал во раните утрински часови во „Ле Констеласион“, бар во Кран-Монтана, во кантонот Вале. Официјалните лица рекоа дека сè уште ја истражуваат причината за пожарот и експлозијата што следувала, но ја исклучиле можноста за терористички напад.

„Немаме осомничени“, изјави Беатрис Пилу, главната обвинителка за регионот. „Покрената е истрага — не против некого, туку за да се расветлат околностите околу овој трагичен пожар“.

Многумина од жртвите биле млади луѓе што се собрале да ја прослават Новата година. „Оваа трагедија се случи на место што природно се поврзува со живот и радост“, рече претседателот Ги Пармелен, кој ја одложи планираната новогодишна порака за да отпатува на местото на настанот.

Властите соопштија дека работат на идентификација на загинатите и на враќање на нивните посмртни останки на семејствата. Исто така, интервјуирале сведоци и планирале да ги анализираат мобилните телефони што биле оставени на местото, рече обвинителот.

„Додека зборувам, броиме околу 40 мртви и приближно 115 повредени, најголемиот дел од нив сериозно“, изјави командантот на кантоналната полиција, Фредерик Гислер, вечерва на прес-конференција.

Меѓу исчезнатите е и најмалку еден Македонец, младиот Стивен Ивановски, чие семејство и пријатели упатија апел до јавноста за помош. Швајцарската амбасада во Македонија на својот официјален фејсбук профил објави телефон за помош на роднини на настраданите во пожарот – 0848 112 117.

Властите соопштија дека првпат било забележано дека излегува чад од барот околу 1:30 по полноќ и дека кратко потоа централниот полициски диспечерски центар добил повик за помош.

Службите за итни случаи испратиле 10 хеликоптери и 40 амбулантни возила за транспорт на повредените до болници, соопштија официјалните лица. Тие пријавија дека на одделот за итни случаи и на операционите сали во најблискиот голем медицински центар им снемало простор за лекување на жртвите.

„Ако сакате да бидете корисни, бидете внимателни“, им порача на локалните жители Матијас Рејнар, локален функционер, пренесе Њујорк тајмс. „Не ги преоптоварувајте службите за итни случаи со ситуации што можат да се избегнат“.

Три специјализирани авиони ги пренеле жртвите со изгореници во Цирих, најголемиот град во земјата, на оддалеченост од околу 150 километри. Во интервју за швајцарскиот информативен сајт „24 ор“, Клер Шарме, директорката на болница во Лозана, каде што биле примени 22 пациенти со тешки изгореници, изјави дека повеќето преживеани биле на возраст меѓу 16 и 26 години.

Властите не идентификуваа ниту една жртва, но со оглед на популарноста на градот како туристичка дестинација, веројатно меѓу нив имало и странски државјани, соопштија официјалните лица.

Полицијата соопшти дека областа околу барот е оградена и дека е воведена зона на забрането летање над Кран-Монтана, најверојатно за да им се олесни пристапот на хеликоптерите до областа.

Во оваа елитна дестинација престојуваат главно богати, понекогаш и познати гости. Регионот нуди глетки кон Матерхорн, планина што се смета за најпознатиот симбол на Швајцарија, како и кон други врвови, како Мон Блан. Градот има околу 10.000 жители и располага со околу 2.800 хотелски легла.

Барот каде што се случил пожарот, „Ле Констеласион“, бил неформално место, сместено во близина на една од жичниците што ги носат скијачите нагоре по планината. Бил популарен кај помладата публика и меѓународните посетители. Долниот кат често се претворал во подиум за танцување каде што настапувале диџеи во живо, а барот редовно пренесувал спортски настани во живо, како натпревари од Премиер-лигата и меѓународно рагби.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ