Прегледот е објавен поради тоа што вчера, сред бел ден, се случи провалување во музејот Лувр во Париз, при што крадци украле накит од непроценлива вредност.
Август 2023 година, Лондон – Британскиот музеј соопшти дека околу 2.000 артефакти, вклучувајќи златен накит и скапоцени камења, биле украдени во текот на долг период, во она што музејот го опиша како „работа одвнатре“.
Август 2020 година, во близина на Утрехт – За време на карантинот поради пандемијата на ковид, крадци провалиле низ задната врата и ја украле сликата „Две насмеани момчиња“ од холандскиот сликар од златното доба Франс Халс од музејот Хофје ван Мевроув Ван Ерден во близина на Утрехт. Делото од 1626 година, чија вредност еден експерт ја проценил на 15 милиони евра, веќе било украдено двапати претходно.
Март 2020 година, Амстердам – Претходно, за време на истиот карантин поради ковид, сликата „Пролетната градина“ на Ван Гог беше украдена преку ноќ од музејот Сингер Ларен, каде што била позајмена за изложба.
Ноември 2019 година, Дрезден – Крадци од музејот „Зелен трезор“ во источната германска покраина Саксонија украле парчиња накит кои содржеле повеќе од 4.300 дијаманти, проценети на вредност од над 113 милиони евра, така што провалиле преку прозорец со решетки. Повеќето од скапоцените камења подоцна беа пронајдени.
Мај 2015 година, Мадрид – Пет слики на Френсис Бекон во вредност од 25 милиони долари беа украдени од куќа во Мадрид. Три беа пронајдени две години подоцна.
Октомври 2012 година, Ротердам – Крадци од музејот „Кунстал“ украле седум слики, вредни десетици милиони евра, дела на Пикасо, Матис, Моне и други. Едно од делата на Пикасо накратко се сметало за најдено, сè додека не се утврдило дека станува збор за фалсификат. Романски државјанин и неколку соучесници беа осудени во 2013 година.
Мај 2010 година, Париз – Пет слики во вредност од 120 милиони евра беа украдени од Музејот на модерна уметност на градот Париз. Меѓу украдените дела беа „Гулаб со зелен грашок“ од Пикасо и „Пасторале“ од Матис.
Февруари 2008 година, Цирих – Четири слики во масло од Пол Сезан, Едгар Дега, Ван Гог и Клод Моне, во вредност од 164 милиони долари, беа украдени од колекцијата Бирле во Цирих. Слики од Моне и Ван Гог беа пронајдени набрзо, а делото на Сезан во 2012 година во Србија.
Декември 2004 година, Сао Паоло – Во Бразил крадци ја украдоа сликата на Пикасо од 1904 година „Портрет на Сузан Блох“, вредна до 50 милиони долари, и „Кафеџија“ од 1939 година на локалниот сликар Кандидо Портинари, проценета на околу 5,5 милиони долари, од главниот уметнички музеј во Сао Паоло. И двете дела беа пронајдени следниот месец.
Август 2004 година, Осло – Вооружени крадци ја украдоа сликата на Мунк „Врисок“ од Музејот на Мунк во Осло, што е втор пат за десет години верзија на сликата да биде украдена. Крадци ја украдоа и „Мадона“ од Мунк. И двете платна од 1893 година беа пронајдени во август 2006 година.
Август 2003 година, замок Друмланриг, Шкотска – Крадци ја украдоа „Мадона што преде“ од Леонардо да Винчи. Делото, насликано на почетокот на 16 век, се проценува на околу 53 милиони долари. Беше пронајдено во Шкотска четири години подоцна.
Декември 2002 година, Амстердам – Две слики со масло од Ван Гог, вредни околу 56 милиони долари секоја, беа украдени во смел грабеж од Музејот на Ван Гог во Амстердам. И двете беа пронајдени во Неапол во 2016 година, во куќата на наводен шверцер на дрога од мафијата.
Декември 2001 година, Стокхолм – Сликите „Разговорот“ и „Младата парижанка“ од францускиот импресионист Пјер-Огист Реноар и автопортрет од холандскиот мајстор Рембрант ван Рејн беа украдени од Националниот музеј во Стокхолм. „Разговорот“ беше пронајден во април следната година, а портретот на Рембрант во 2005 година.
Ноември 1993 година, Стокхолм – Осум дела на Пикасо и францускиот кубист Жорж Брак, вредни околу 60 милиони долари, беа украдени од Музејот на модерна уметност во Стокхолм. Некои беа пронајдени во наредните месеци.
Април 1991 година, Амстердам – Во тогашната најголема кражба на уметнички дела во светот, 20 слики во вредност од 500 милиони долари беа украдени од Музејот Ван Гог во Амстердам, вклучувајќи ја и „Луѓе што јадат компири“ од Ван Гог. Сликите наскоро беа пронајдени во напуштен автомобил во близина на музејот.






