сабота, 13 декември 2025
Џефри Сакс

Најголемата закана за Израел се политиките на неговата екстремистичка влада

Во писмо до израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар, американскиот професор и директор на Центарот за одржлив развој на Универзитетот Колумбија Џефри Сакс ја критикува владата за масовно убивање и изгладнување на Палестинците и нагласува дека само решение со две држави може да го обезбеди опстанокот на Израел.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Почитуван господине министре,

Ви пишувам по повод Вашиот говор пред Советот за безбедност на Обединетите нации на 5 август. Присуствував на седницата, но немав можност да разговарам со Вас потоа. Би сакал да ги споделам со Вас моите мисли за Вашиот говор.

Во него, не признавте зошто речиси целиот свет, вклучително и многу Евреи како мене, се згрозени од однесувањето на Вашата влада. Според мислењето на мнозинството од светот, со кое се согласувам, Израел врши масовни убиства и изгладнување; ова не можеше да се заклучи од Вашиот говор. Не признавте дека Израел досега предизвикал смрт на околу 18.500 палестински деца, чии имиња неодамна беа објавени во Вашингтон пост. Секое масовно погубување цивили од страна на израелските сили му го припишувате на Хамас, иако светот секој ден гледа видеа од израелските сили како ладнокрвно убиваат изгладнети цивили додека се приближуваат до точките за делење храна. Се жалевте за изгладнувањето на 20 заложници, но не го споменавте изгладнувањето на два милиони Палестинци од страна на Израел. Ниту пак споменавте дека Вашиот премиер активно работи на финансирање на Хамас со години, како што документираше Тајмс оф Израел.

Без разлика дали Вашите пропусти се резултат на ограниченост или измама, тие ќе беа трагедија само за Израел ако во Вашиот говор не се дрзневте да ме вмешате мене и милиони други Евреи во злосторствата на Вашата влада против човештвото. Во ОН изјавивте дека Израел е „суверена држава на еврејскиот народ“. Тоа е неточно. Израел е суверена држава на своите граѓани. Јас сум Евреин и граѓанин на Соединетите Американски Држави. Израел не е моја држава и никогаш нема да биде.

Вашиот говор за Евреите го открива јазот меѓу нас. Го нарековте јудаизмот националност. Тоа е ционистичка конструкција, но е во спротивност со двомилениумското еврејско верување и живот. Тоа е идеја што јас и милиони други Евреи ја отфрламе. Јудаизмот за мене и за безброј други надвор од Израел е живот на етика, култура, традиција, закон и верување што нема никаква врска со националноста. 2.000 години Евреите живеат низ целиот свет во безброј земји.

Без разлика дали Вашите пропусти се резултат на ограниченост или измама, тие ќе беа трагедија само за Израел ако во Вашиот говор не се дрзневте да ме вмешате мене и милиони други Евреи во злосторствата на Вашата влада против човештвото

Големите рабински мудреци од вавилонскиот Талмуд експлицитно забрануваа масовно враќање на еврејскиот народ во Ерусалим, велејќи им на Евреите да живеат во своите татковини (Кетубот 111а). За жал, ционистите започнаа масовни кампањи, вклучително и финансиски субвенции и заплашување, за да ги натераат еврејските заедници да ги напуштат своите татковини, јазици, локални култури и односи со своите сограѓани и да се преселат во Израел. Патував низ целиот свет и посетував речиси празни синагоги и напуштени еврејски заедници, каде што останале само неколку постари Евреи, кои ми велеа дека нивните заедници некогаш живееле во мир и хармонија со мнозинското нееврејско население. Ционизмот ги ослабна или ги угаси безбројните живописни заедници на припадниците на нашата вера низ целиот свет.

Иронично, кога ционистите ја убедиле британската влада да ја издаде Балфуровата декларација во 1917 година, единствениот Евреин во кабинетот, сер Едвин Монтагу, остро се спротивставил, велејќи дека е британски државјанин што случајно е Евреин, а не припадник на еврејската нација: „Тврдам дека не постои еврејска нација. Членовите на моето семејство, на пример, кои се во оваа земја со генерации, немаат никакви заеднички сфаќања ниту аспирации со кое било еврејско семејство во која било друга земја, освен фактот дека во поголема или помала мера исповедаат иста вера.“

Во овој контекст, вреди да се потсетиме дека Балфуровата декларација јасно и недвосмислено наведува дека „не смее да се прави ништо што може да ги загрози граѓанските и религиозните права на постоечките нееврејски заедници во Палестина“. Ционизмот не го положи овој тест.

Вашата влада е посветена на трајна окупација на цела Палестина и демонстрира насилно и непопустливо противење на воспоставувањето суверена држава Палестина. Основачката платформа на Ликуд од 1977 година не го крие ова и отворено изјавува дека „помеѓу морето и Јордан може да има само израелски суверенитет“. За да го постигне ова, Израел го демонизира палестинскиот народ и физички го уништува преку масовно изгладнување, убиства, етничко чистење, административни притвори, тортура, грабање земјиште и други форми на брутална репресија. Вие самиот срамно изјавивте дека „сите палестински фракции“ го поддржуваат тероризмот.

Вашиот колега во Советот за безбедност, палестинскиот амбасадор Ријад Мансур, го кажа токму спротивното. Тој јасно стави до знаење: „Решението е да ѝ се стави крај на оваа нелегална окупација и овој катастрофален конфликт; тоа е остварување палестинска независност и суверенитет, а не нејзино уништување; тоа е исполнување на нашите права, а не нивно трајно негирање; тоа е почитување на меѓународното право, а не негово газење; тоа е имплементација на решение за две држави, а не реалност на една држава во која Палестинците се осудени на геноцид, етничко чистење или апартхејд“.

Израел стои против речиси целиот свет во настојувањето да го блокира решението за две држави. Веќе 147 држави ја признаваат Палестина, а многу повеќе наскоро ќе го сторат тоа. Неодамна, 170 земји-членки на ОН гласаа за правото на палестинскиот народ на политичко самоопределување, со само шест против (Аргентина, Израел, Микронезија, Науру, Парагвај, САД).

Вашиот говор целосно ја игнорираше моќната „Њујоршка декларација за мирно решавање на прашањето за Палестина и имплементација на решението за две држави“, која светската заедница ја усвои на Меѓународната конференција на високо ниво за имплементација на решението за две држави, одржана на 29 јули 2025 година, само една недела пред Вашиот говор пред Советот за безбедност на ОН. Саудиска Арабија и Франција копретседаваа на таа конференција. Арапските и исламските држави низ целиот свет повикаа на мир и нормализирање на односите со Израел откако Израел ќе почне да го почитува меѓународното право и елементарните морални принципи во согласност со решението за две држави. Вашата влада го отфрла мирот затоа што бара доминација над цела Палестина.

Израел ја одржува својата екстремистичка позиција со минимална поддршка, потпирајќи се (досега) на Соединетите Држави, но не и на некоја друга голема сила. Треба да се земе предвид и клучната причина за досегашната поддршка на САД: христијанските евангелистички протестанти, кои веруваат дека враќањето на Евреите во Израел е вовед во нивното уништување и крајот на светот. Тоа се Вашите сојузници. Во однос на целокупното американско јавно мислење, неодобрувањето на постапките на Израел сега изнесува 60 проценти, додека само 32 проценти го одобруваат.

Господине министре, згрозеноста на светот на кој се повикавте се однесува на постапките на Вашата влада, а не на Евреите. Израел е загрозен однатре од фанатизам и екстремизам, кои пак поттикнуваат негодување против Израел низ целиот свет, како меѓу Евреите, така и меѓу неевреите. Најголемата закана за опстанокот на Израел не се арапските земји, Палестинците или Иран, туку политиките на израелската екстремистичка влада, предводена од Бенјамин Нетанјаху, Безалел Смотрич и Итамар Бен-Гвир.

Решението со две држави е патот, и единствениот пат, кон опстанокот на Израел. Можеби вие верувате дека нуклеарното оружје и американската влада се вашиот спас, но голата сила ќе биде минлива ако продолжи тешката неправда на Израел кон палестинскиот народ. Еврејските пророци постојано учеа дека неправедните држави не опстануваат долго.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ