петок, 19 декември 2025

Најџел Фараж: Романците ги јадат лебедите од британските паркови

Најџел Фараж, лидерот на популистичката партија Реформа на Обединетото Кралство, предизвика остри критики за ширење лажни информации и „луди теории на заговор“ откако ги обвини Романците во Британија дека јадат лебеди од парковите во најновиот напад врз имигрантите, пишува Индипендент.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Фараж тврдеше дека „лебедите ги јадат во кралските паркови“ и дека „луѓе од различни култури вадат крап од езерата“. На директното прашање од водителот на радиото ЛБЦ Ник Ферари, кој ги јаде заштитените британски лебеди, Фараж одговори: „Луѓе кои доаѓаат од земји каде што тоа е сосема прифатливо“. Кога водителот го праша дали мисли на источните Европејци и Романците, Фараж потврди: „Верувам во тоа“.

Неговите тврдења беа веднаш демантирани од добротворната организација Кралски паркови, која управува со парковите во Лондон. „Немавме извештаи за луѓе кои убиваат или јадат лебеди во осумте кралски паркови во Лондон“, се наведува во нивното соопштение.

„Нашите службеници за диви животни работат вредно за да обезбедат благосостојба на лебедите во сите паркови“, додадоа тие.

Физа Куреши, извршната директорка на Мрежата за права на мигрантите, ги нарече коментарите на Фараж „смешни, штетни и нималку не нови“, истакнувајќи дека тој „повторува одамна демантирани приказни“.

„Тој ги повторува тврдењата што постојано се враќаат, вклучително и оние од 2007 година кога мигрантите беа обвинети за кражба на лебеди“, кажа таа.

„Она што го покажуваат коментарите на Најџел Фараж е неговата подготвеност да шири дезинформации од непроверени социјални медиуми и крајно десничарски извори за намерно да поттикне поголема омраза кон мигрантите“. Таа истакна дека таквото тврдење е „не само апсурдно, туку и исклучително опасно“.

Забелешките на Фараж за лебедите личат на лажните тврдења на американскиот претседател Доналд Трамп за време на првиот мандат дека мигрантите од Хаити јадат кучиња и мачки, додека пратениците од Лабуристичката партија велат дека ова е уште еден пример зошто на лидерот на Реформ УК не може да му се верува.

Дополнително, Фараж го остави отворено прашањето за преиспитувањето на безбедноста на парацетамолот, по пример на Трамп. Запрашан за поврзаноста на Трамп со лекот со аутизмот, што британските експерти ја отфрлија како „сеење страв“, Фараж кажа „тоа е негово мислење… тоа не е нешто што нужно го мислам“.

Сепак, тој додаде: „Науката никогаш не е конечна. Кога станува збор за науката, јас не заземам страна, бидејќи науката никогаш не е конечна и треба да го запомниме тоа“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ