Оксфам проценува дека 3,55 трилиони долари биле скриени од даночните власти во даночните засолништа и на непријавени сметки во 2024 година, што е двојно повеќе од вкупниот БДП на 44-те најмалку развиени земји во светот.
Приближно 80 проценти од тоа богатство (2,84 трилиони долари) држат најбогатите 0,1 процент – повеќе од најсиромашните 4,1 милијарди.
Од тоа, 1,77 трилиони долари се во сопственост на 0,01 процент од ултрабогатите, според анализа објавена во пресрет на 10-годишнината од објавувањето на Панамските документи, доверливи документи за офшор компаниите.
„Резултатите покажуваат дека, една деценија подоцна, супербогатите продолжуваат да користат офшор шеми за да избегнат даноци и да кријат средства, истакнувајќи ја итната потреба од координирана меѓународна акција за оданочување на екстремното богатство и прекин на користењето на даночните оази“, соопшти Оксфам.
Раководителот на даночниот оддел на Оксфам интернешнал Кристијан Халум кажа дека не станува збор само за „паметно сметководство“, туку за моќ и неказнивост.
„Кога милионерите и милијардерите складираат трилиони долари во офшор даночните оази, тие се ставаат над обврските што важат за остатокот од општеството. Последиците се предвидливи колку што се и катастрофални: гледаме како нашите јавни болници и училишта остануваат без средства, нашето општествено ткиво се распаѓа од растечката нееднаквост, а обичните луѓе се принудени да ги сносат трошоците на систем наместен за збогатување на мала група“, кажа Халум.
Во соопштението на Оксфам се додава дека вкупното офшор богатство се зголемило од Панамските документи на околу 13,25 трилиони долари во 2023 година, што претставува 12,48 проценти од глобалниот БДП, но дека неоданочениот дел од тоа се намалил благодарение на Автоматската размена на информации (АЕОИ), глобален стандард против избегнување на даноци воведен во 2016 година.
Сепак, таа сума е сè уште висока – приближно 3,2 проценти од глобалниот БДП.
Оксфам ги повика владите да ја засилат глобалната соработка за да се стави крај на даночните засолништа и да се зајакнат даночните власти и финансиската транспарентност.
Исто така, се бара данок на екстремно богатство, поточно најбогатиот еден процент да плаќа значително повисоки ефективни даночни стапки на приходите од труд и капитал, со уште повисоки стапки за мултимилионерите и милијардерите.






