Повеќе од еден милион домаќинства во Украина останаа без електрична енергија по серијата руски напади во текот на ноќта, при што беа погодени енергетската и индустриската инфраструктура, соопштија официјални лица, пренесува Би-би-си.
Министерот за внатрешни работи на Украина, Игор Клименко, изјави дека се погодени пет региони и дека најмалку пет лица се повредени, како и дека се во тек работи на гаснење на пожарите и обновување на снабдувањето со струја.
Иако руските напади врз украинската енергетска инфраструктура беа чести во текот на целата војна, Москва ги засили нападите со приближувањето на зимата.
Ова се случува во пресрет на патувањето на пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп за надворешни работи, Стив Виткоф, во Германија, каде што треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со европските лидери, во рамките на дополнителни разговори за завршување на војната, наведува Би-би-си.
Виткоф, кој ги предводи обидите на Белата куќа да посредува меѓу Украина и Русија, ќе разговара во Берлин за најновата верзија на предложениот мировен договор.
Зеленски вчера изјави дека Русија во ноќните напади употребила повеќе од 450 дронови и 30 проектили. Клименко наведе дека се погодени регионите Дњепропетровски, Кировоградски, Миколаевски, Одески и Черниговски.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во нападите користело оружје, вклучително и хиперсонични ракети „кинжал“, кои тешко се следат бидејќи за време на летот можат да го менуваат правецот.
Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) соопшти дека украинската нуклеарна електрана Запорожје во текот на ноќта привремено останала без целосно надворешно снабдување со електрична енергија „поради распространети воени активности што ја погодија електроенергетската мрежа“, но дека сега повторно е приклучена.
Електраната се наоѓа на територија на Украина под руска контрола. Таа не работи, но ладењето на нејзините реактори зависи од постојано снабдување со електрична енергија.
Во Русија, регионалниот гувернер Роман Бусаргин изјави дека во Саратов две лица загинале откако напад со дрон погодил станбена зграда.
Администрацијата на Трамп врши притисок договорот за завршување на војната да стапи на сила до Божиќ и во последниве недели одржа неколку рунди разговори со украински и руски претставници, иако имаше малку индикации дека е на повидок напредок.
Сè уште не е потврдено кои европски лидери ќе присуствуваат на разговорите во Берлин.
„Волстрит џурнал“, кој прв ги објави деталите за средбата, наведе дека на неа ќе учествуваат британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Средбата меѓу Виткоф и Зеленски доаѓа откако Украина ѝ достави на САД своја ревидирана верзија на мировниот план од 20 точки, најновата верзија на предлогот, кој првпат се појави кон крајот на ноември и предизвика бран дипломатски активности.
Судбината на територијата во источна Украина останува едно од најтврдокорните прашања во преговорите, при што Киев одбива да отстапи земја што е незаконски окупирана, додека Москва ја повторува намерата со сила целосно да го заземе Донбас, освен ако Украина не се повлече.
Зеленски скептично реагираше на најновиот предлог на Белата куќа за решавање на територијалното прашање, според кој украинската војска би се повлекла од регионот, а тој би бил претворен во „специјална економска зона“.
Украинскиот претседател им изјави на новинарите дека, според условите што ги предлагаат САД, Кремљ би презел обврска да не напредува во областите што би ги напуштиле украинските сили, при што земјиштето меѓу деловите на Донбас под руска контрола и украинските одбранбени линии практично би било претворено во демилитаризирана зона.
„Што ќе ја спречи (Русија) да напредува? Или да се инфилтрира маскирана како цивили?“, рече Зеленски.
Во јавноста, Украина и нејзините европски сојузници ги опишаа разговорите што ги предводат САД како плодотворни и го поздравија напредокот во обезбедувањето измени на планот, за кој во пошироката јавност се сметаше дека, кога првпат се појави, е во корист на Русија.
Сепак, последниве недели се појавија знаци дека Трамп го губи трпението со Зеленски и со неговите сојузници на континентот.
Во остро интервју за „Политико“ неделава американскиот претседател ги нарече европските лидери „слаби“ и повторно ја повика Украина да одржи избори.
Зеленски изјави дека избори би можеле да се одржат во рок од 90 дена, доколку САД и Европа ја обезбедат неопходната безбедност. Изборите се суспендирани откако беше воведена воена состојба, кога Русија ја започна инвазијата во февруари 2022 година.
Додека дипломатската иницијатива на Белата куќа продолжува, вниманието во Европа е насочено кон тоа како да се поддржи Украина во случај на мировен договор, со тековни разговори за безбедносни гаранции и финансирање.
Украинската влада се соочува со тешка финансиска состојба: потребно е во наредните две години да пронајде дополнителни 135,7 милијарди евра, наведува Би-би-си.
Во петокот, земјите од Европската Унија се согласија на неопределено време да замрзнат околу 210 милијарди евра руски имот што се наоѓа во Европа.
Се очекува договорот да го отвори патот тие средства, доколку биде постигнат договор на самитот на Европската Унија следната недела, да бидат пласирани во Украина преку заеми, со што Киев би добил финансиска поддршка за војската и за обновата на делови од земјата разурнати по речиси четири години тотална војна.
Кремљ го осуди тој потег како кражба, а руската централна банка соопшти дека ќе го тужи Евроклир, белгиската финансиска институција во која се чува најголем дел од рускиот имот замрзнат по инвазијата.
Официјалните лица и понатаму преговараат за точната структура на договорот со кој руските средства би се пренамениле во корист на Украина, при што белгиската влада е особено скептична поради правната изложеност, со оглед на тоа што е главен чувар на тој имот.
Во меѓувреме, објавено е дека најновата верзија на мировниот план што кружи предвидува Украина забрзано да влезе во Европската Унија.
„Фајненшл тајмс“ наведе дека Брисел поддржува брзо пристапување на Украина во Европската Унија, идеја што Украина ја изнела во најновиот нацрт доставен до Вашингтон.
Украина формално поднесе барање за членство во Европската Унија неколку дена по инвазијата во 2022 година, но, и покрај ветувањата за забрзан процес, и натаму е оддалечена неколку години од полноправно членство, наведува Би-би-си.
Според тој план, Украина би станала членка веќе во јануари 2027 година, јавува АФП, повикувајќи се на неименуван висок функционер. Не беше јасно дали Вашингтон го одобрил тој дел од нацртот.






