сабота, 24 јануари 2026

На Косово уапсени повеќе од 100 луѓе за манипулации со 68 илјади гласачки ливчиња

Повеќе од 100 лица се уапсени на Косово под сомнение за фалсификување на резултатите од парламентарните избори одржани на 28 декември, а наредено е пребројување на сите гласови, објави денес обвинителот од Призрен Петрит Криезиу.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Зборуваме за организиран напор и директна намера да се поткопаат резултатите и волјата на граѓаните“, кажа тој на прес-конференцијата. „Во овој момент, 109 лица се приведени за кривични дела фалсификување на изборни резултати, вршење притисок и заплашување, како и за активна и пасивна корупција“, додаде тој.

Според него, се сомнева дека повеќе од 68.000 гласачки ливчиња биле манипулирани за време на парламентарните избори, кои ги доби партијата на премиерот во заминување Албин Курти. Истрага за наводната измама за време на броењето на гласовите беше отворена кон средината на јануари, иако сè уште не е познато дали некоја од партиите всушност имала корист од измамата.

Според прелиминарните резултати, партијата Самоопределување, предводена од премиерот во заминување Албин Курти, победи на изборите со повеќе од 51 отсто од гласовите.

Но, забележувајќи „висок степен на неточност“ за време на делумното пребројување, Државната изборна комисија нареди пребројување на гласачките ливчиња на сите избирачки места, изјави претседателот на комисијата Крешник Радониќи.

По оваа одлука на изборната администрација, обвинителката Лаура Пула објави дека отворила истрага за можни „кривични дела поврзани со изборниот процес“. Горенаведените апсења се дел од оваа истрага.

Изборите на 28 декември се одржаа по повеќе од десет месеци политичка парализа. Имено, без јасно мнозинство, Самоопределување, која ги доби претходните избори во февруари 2025 година, не успеа да формира коалиција и беше принудена да распише нови избори.

Истрагата и новото пребројување на гласовите сега дополнително го одложија формирањето на парламентот, а потоа и на владата, и го продолжија институционалниот застој кој ја чини земјата милиони евра странска помош, кои поради тоа не ги добива. По гласањето на крајот на декември, шефицата за надворешна политика на Европската Унија Каја Калас изјави дека Брисел смета на „брзо формирање“ на нова влада за да се стави крај на „политичкиот ќорсокак“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ