четврток, 11 декември 2025

На Гугл му се заканува голема казна, ЕУ тврди дека неговата продавница за апликации ги крши правилата на пазарот

Технолошкиот гигант Гугл, во сопственост на компанијата Алфабет, се соочува со потенцијално висока казна од Европската Унија на почетокот на следната година доколку не преземе понатамошни чекори за усогласување на својата продавница за апликации Гугл плеј со европските правила за фер конкуренција. Ова за Ројтерс го откриле извори директно вклучени во случајот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Продавницата Гугл плеј е под истрага на Европската комисија од март. Регулаторите ги оспоруваат техничките ограничувања кои ги спречуваат развивачите на апликации да ги насочуваат корисниците кон поевтини понуди надвор од платформата на Гугл. Исто така, проблематичен е и надоместот за услуга кој Гугл го наплаќа за првично привлекување нов корисник преку Плеј, за кој регулаторите велат дека го надминува она што е оправдано.

Промените кои Гугл ги објави во август, со цел да им го олеснат на развивачите да ги насочуваат корисниците кон други канали и да им овозможат да изберат модел на плаќање, сè уште се недоволни, според изворите. Притоа, антимонополските регулатори на ЕУ ги земаат како репер неодамнешните промени кои Епл ги воведе во својот Ап стор.

Имено, Епл го редизајнира својот Ап стор во јуни откако беше казнет со 500 милиони евра поради технички и комерцијални ограничувања кои ги спречуваа развивачите да ги информираат корисниците за поевтини понуди. Се очекува регулаторите на ЕУ да проценат дали промените во правилата и надоместоците на Епл се во согласност со Законот за дигитални пазари (ДМА), клучен пропис што дефинира што големите технолошки компании можат, а што не можат да прават.

Гугл сè уште може да понуди дополнителни отстапки пред регулаторите да изречат казна, што се очекува во првиот квартал од следната година, велат изворите, додавајќи дека временската рамка уште може да се промени. Според Законот за дигитални пазари, казните можат да изнесуваат до 10 проценти од глобалните годишни приходи на компанијата.

Гугл наведе дека соработува со Комисијата, но исто така изрази загриженост. „Продолжуваме тесно да соработуваме со Европската комисија во нејзината тековна истрага, но имаме сериозни загрижености дека понатамошните промени би ги изложиле корисниците на Андроид и Плеј на ризик од штетен софтвер, измама и кражба на податоци. За разлика од ИОС, Андроид е веќе отворен по дизајн“, изјави портпаролот на Гугл. Европската комисија, која дејствува како тело за заштита на конкуренцијата на пазарот во ЕУ, одби да коментира за случајот.

Евентуалната казна би можела дополнително да ги затегне односите со Соединетите Американски Држави, кои тврдат дека серија нови закони на ЕУ неправедно ги таргетираат американските технолошки компании. Во меѓувреме, Комисијата го обвини Гугл дека ги фаворизира сопствените услуги во својот пребарувач и истражува како тој користи интернет содржини за алатките за вештачка интелигенција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ