„Станува сè потешко да се најдат вработени“, вели за Гардијан Димитрис Статокостопулос, кој го води ресторанот заедно со својот брат: „Туризмот дефинитивно расте, но во денешно време Грците претпочитаат да избираат канцелариски работни места од 9 до 5, на кои не треба да работите ноќе или за викенд“.
Непосредно пред полната туристичка сезона, во потрагата по персонал што ќе го одржи овој сектор во плус се вклучи неочекуван аларм. Грција можеби е меѓу најпопуларните европски дестинации, но има недостиг од работници.
Недостигот е толку голем што се проценува дека во ресторанскиот и хотелскиот сектор – столбот на туристичката индустрија што ја движи грчката економија со удел од 25 отсто од БДП – сè уште фалат околу 80.000 работници.
Статокостопулос не е единствениот претприемач што се мачи да најде персонал за својата популарна таверна за време на најпрометниот период од годината. Низ целата земја хотелиерите се тркаат да најдат рецепционери, чистачки, спасувачи, вратари, келнери и готвачи.
Од популарните острови како Крит и Родос доаѓаат информации дека хотелиерите ловат работници од своите конкуренти нудејќи подобри плати и услови за работа. „Делумно ова е последица на пандемијата што ја почувствува цела Европа, но во Грција проблемот е особено изразен“, рече Јоргос Хоцоглу, претседател на Грчкото здружение на работници од угостителството и туризмот (ПОЕЕТ).
„Сведоци сме на невиден недостиг од квалификувани и искусни работници, особено во хотелиерството и угостителството, по егзодусот на вработените за време на карантинот. Многумина никогаш не се вратија. Резултатот е потреба од приближно 80.000 нови работници“, објаснува Хоцоглу.

Тој тврди дека сезонскиот карактер на секторот е главната причина за проблемот: „Кога сезоната ќе заврши, работниците имаат право на само три месеци надоместок за невработеност. Во време на криза со трошоците за живот, како да го преживеат остатокот од годината?“
Туризмот не е единствениот сектор погоден од недостигот од работници. Градежништвото и земјоделството, исто така, страдаат од недостиг од работна сила во земјата, која се соочува со драматичен демографски пад, но сè уште ги чувствува ефектите од егзодусот на повеќе од 500.000 претежно висококвалификувани студенти и работници за време на речиси децениската економска криза.
За да се реши овој проблем, централнодесничарската влада се обидува да го легализира статусот на околу 30.000 непријавени мигранти. Владата, исто така, потпиша голем број билатерални договори „за мобилност на работна сила“ со трети земји како Египет, Виетнам, Бангладеш, Грузија, Индија и Молдавија.
„Само што добив писмо од една компанија во Дубаи што ми нуди работници“, вели Статокостопулос: „Еден Бангладежанец работи во нашата кујна и тој е одличен. Луѓе од Азија и други делови од светот сега аплицираат за вакви работни места“.
Барателите на азил што до неодамна беа невработени во бегалските центри на крајот на мај ќе бидат вработени на северот на Грција по едукацијата што ја обезбеди ПОЕЕТ. Тоа е револуционерен чекор во земјата, која е критикувана дека нелегално ги потиснува мигрантите.
Откако го презеде Министерството за миграција во март, поранешниот екстремно десничарски студентски активист Макис Воридис вети дека ќе ги протера „нелегалните мигранти“, заострувајќи ја политиката на владата за преземање „строг, но фер“ пристап кон миграцијата.
„Неверојатно е што зборуваме за зголемен број депортации кога статистиката покажува дека во Грција ќе треба да се пополнат 750.000 работни места до 2050 година. Повеќе од 1.400 деца поминаа низ нашите засолништа, а стотици од нив можеа да се вработат кога ќе им се даде можност, често на висококвалификувани работни места“, вели Софија Кувелаки, лидерка на Хоум проџект, организација што ги поддржува децата на бегалците и мигрантите во Атина.
Грчките власти се свесни дека дилемата е делумно предизвикана од нивниот сопствен успех: во закрепнатата економија, која е меѓу најбрзо растечките во Европа, стапката на невработеност се преполови од 18% на 9% во последните шест години.

„Отворени се 500.000 нови работни места во секторите од градежништво до логистика, малопродажба и здравство“, вели Спирос Протопсалтис, директор на грчката јавна служба за вработување (ДИПА): „Мислам дека реториката за слободните работни места е малку претерана, но сè уште има неискористени извори на работна сила, првенствено жените“.
Министерството за туризам предвидува 40 милиони посетители до 2028 година – речиси четири пати повеќе од населението на Грција – главно од Индија и Кина. Туристичката сезона се продолжува и поради промените во туристичките навики поттикнати од климатските промени.
Грција почна активно да регрутира работници во странство, одржувајќи саеми за вработување во Германија, Холандија и Велика Британија. Освен странците, се надеваат дека ќе се вратат и Грците што заминаа за време на финансиската криза, истакнува Протопсалтис: „Им порачуваме на луѓето да се вратат. Грчката економија веќе не е она што беше кога си заминаа. Сега ѝ оди одлично.“