понеделник, 22 декември 2025

На германската електронска индустрија ѝ снемуваат чипови

Секторот за електронски и оптички производи во Германија останува без чипови, покажува анкета на институтот Ифо објавена денес, сигнализирајќи ги последиците од извозните ограничувања на Кина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Околу 10,4 отсто од компаниите се пожалиле на недостиг во октомври, објави Ифо. Во април нивниот удел бил само 3,8 отсто.

„Контролните механизми и трговските ограничувања за ретките земни минерали го земаат својот данок“, заклучува раководителот на истражувањата во институтот, Клаус Волрабе.

„Доколку трендот продолжи и се влоши, тоа ќе има негативно влијание врз економскиот раст“, ​​предупредува Волрабе.

Пекинг ја заостри контролата на извозот на ретките земни минерали и магнети, кои се неопходни пред сè за технолошките производи и за оружените системи. Кина има најголеми резерви од таа група минерали во светот и најголеми капацитети за нивна преработка.

Ограничувањата им нанесоа тежок удар и на германските производители на електрична опрема, при што 10 отсто од нив изјавиле во анкетата на институтот дека имаат проблеми со недостиг, во споредба со 5,5 отсто за индустријата како целина.

Нивниот удел е неспоредлив со просекот во периодот пред пандемијата, забележува Волрабе.

Германските производители на автомобили регистрирале само спорадични проблеми со снабдувањето, покажува истражувањето, при што Волрабе забележува дека повеќето компании биле анкетирани на почетокот на октомври, пред холандското преземање на домашниот производител на чипови Нексперија и острата кинеска реакција.

Бројките за ноември би можеле да покажат поинаква слика, предупреди раководителот на истражувањето во Ифо.

Досега најголемата криза со снабдувањето е забележана на крајот на 2021 година, кога дури 81,9 отсто од компаниите се пожалиле на недостигот, истакнува новинската агенција ДПА.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ