четврток, 12 јуни 2025

На Џо Бајден му е дијагностициран агресивен рак на простатата

На поранешниот американски претседател Џо Бајден му е дијагностициран рак на простата, соопшти неговиот кабинет во неделата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

82-годишниот бивш претседател пријавил уринарни симптоми, по што лекарите откриле јазол на неговата простата. Во петокот му бил дијагностициран рак на простата, а било утврдено дека канцерозните клетки се прошириле на коските.

„Иако ова претставува поагресивна форма на болеста, ракот се чини дека е сензитивен на хормони, што овозможува ефективно лекување“, велат од неговиот кабинет. „Претседателот и неговото семејство ги разгледуваат опциите за третман со неговите лекари“.

Агресивноста на канцерот на простатата се оценува со она што е познато како Глисонов индекс – резултатите се движат од 6 до 10, при што типовите 8, 9 и 10 на рак на простата се однесуваат поагресивно. Кабинетот на Бајден соопшти дека неговиот резултат бил 9, што укажува на тоа дека неговиот рак е меѓу најагресивните.

Кога ракот на простата се шири на други делови од телото, тој често се шири и на коските. Метастазираниот карцином е многу потешко да се лекува од локализираниот карцином, бидејќи лековите може тешко да допрат до сите тумори и целосно да ја искоренат болеста.

Меѓутоа, кога на ракот на простата му се потребни хормони за да расте, како во случајот на Бајден, тие може да бидат подложни на третман што ги лишува туморите од хормони, пишува АП.

Резултатите се подобриле во последниве децении и пациентите може да очекуваат да живеат со метастатски рак на простата четири или пет години, рече д-р Метју Смит од Центарот за канцер на Масачусетс Генерал Бригам.

„Може успешно да се лекува, но не може да се излечи“, вели Смит. „Повеќето мажи во оваа ситуација би биле лекувани со лекови и не би им се советувало да имаат операција или терапија со зрачење“.

Многу политички лидери му посакаа на Бајден закрепнување.

Претседателот Доналд Трамп, долгогодишен политички противник, објави на социјалните мрежи дека е тажен поради веста и „му посакуваме на Џо брзо и успешно закрепнување“.

Потпретседателката на Бајден, Камала Харис, на социјалните мрежи рече дека Бајден е во „срцата и молитвите на моето семејство во овој период“.

„Џо е борец – и знам дека ќе се соочи со овој предизвик со истата сила, издржливост и оптимизам што отсекогаш ги дефинирале неговиот живот и лидерство“, напиша Харис.

Поранешниот претседател Барак Обама рече дека неговите мисли и молитви се со Бајден, неговиот поранешен потпретседател, пофалувајќи ја неговата цврстина. „Никој не направи повеќе за да најде успешен третман за ракот во сите негови форми како Џо, и сигурен сум дека тој ќе се бори со овој предизвик со својата решеност и грациозност“, напиша Обама на социјалните мрежи.

Поранешната државна секретарка Хилари Клинтон порача: „Нашите мисли се со семејството Бајден додека тие влегуваат во нова битка против ракот, болеста против која толку напорно работеа да им помогнат на другите. Посакувам брзо и целосно закрепнување“, додаде таа.

Борбата против ракот е длабоко лична тема за Бајден. Неговиот син Бо Бајден, поранешен јавен обвинител на Делавер и ветеран од војната во Ирак, почина во 2015 година од тумор на мозокот на 46-годишна возраст.

Во февруари 2023 година на Бајден му беше отстранета кожна лезија од градите што беше карцином на базалните клетки, честа форма на рак на кожата. А во ноември 2021 година му беше отстранет полип од дебелото црево што беше бенигна, но потенцијално преканцерозна лезија.

Во јануари 2016 година тогашниот претседател Барак Обама го назначи Бајден да раководи со претседателската работна група против ракот, позната како „Месечински поход против ракот“ (Cancer moonshot).

Во 2022 година, како претседател, Бајден повторно го покрена проектот со цел да се преполови смртноста од рак во САД во следните 25 години, со дополнителни 150 милиони долари за истражување.

„Ова не е само лично – тоа е доказ дека е можно. Убеден сум дека можеме да го оствариме тоа“, рече Бајден минатиот август.

Кога ја објави целта да се преполови стапката на смртност од рак, Бајден рече дека ова може да биде „американски момент да си докажеме себеси и, искрено, на светот дека можеме да направиме навистина големи работи“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ