недела, 15 март 2026

На Додик му се закануваат нови казни откако ги навреди Бошњаците

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина отвори нова постапка против претседателот на Република Српска Милорад Додик за користење говор на омраза во кампањата што ја води во поддршка на неговиот кандидат Синиша Каран на претстојните избори за претседател на ентитетот закажани за 23 ноември.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

ЦИК отвори постапка против Додик по службена должност, а доколку тој орган потврди дека ги прекршил одредбите од изборниот закон, може да изрече казна до 15 илјади евра, но и да го елиминира кандидатот од претседателската изборна трка бидејќи Додик е сè уште претседател на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), партија чиј член е и Каран.

Со измените на Изборниот закон на БиХ од јули 2022 година, наметнати од високиот претставник Кристијан Шмит, говорот на омраза е дефиниран како секаков облик на јавно изразување или говор кој предизвикува или поттикнува омраза, дискриминација или насилство кон кое било лице или група лица, врз основа на раса, боја на кожа, националност, пол или религија, етничко потекло или која било друга лична карактеристика или ориентација што поттикнува дискриминација, непријателство и насилство.

Казните зависат од сериозноста на извршените незаконски дела, односно од фреквенцијата на користење говор на омраза. Додик на почетокот на неделата, на предизборен митинг одржан во Источно Сараево, ги навреди Бошњаците, споредувајќи ги со амеби и нарекувајќи ги „лажливи Турци“.

Стоејќи до Каран, тој приговараше на тоа дека на Бошњаците им е дозволено да купуваат станови во Источно Сараево, додека за Сараево рече дека „од него се шири смрдеа што не дозволува нормален живот со векови. Никој не лаже полошо и повеќе од Турчин“, кажа Додик во понеделникот пред своите симпатизери.

Снимката од тој настап и говор, која беше објавена на профилот на Додик на мрежата Икс, подоцна беше отстранета, но следеа бројни реакции од Бошњаците, како и од политичарите од опозициските партии во РС.

Министерот за одбрана на БиХ Зукан Хелез го нарече Додик „најпримитивен расист и фашист во Европа“, додека колегиумот на Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата БиХ побара од државното обвинителство да покрене истрага против Додик за ширење меѓуетничка омраза.

Обвинителството на Босна и Херцеговина сè уште не го коментирало ова барање, но затоа истакнати српски опозициски политичари остро го осудија Додик, со порака дека тој се потврдува себеси како „примитивец и простак“, како што го опиша градоначалникот на Бања Лука и претседателот на Партијата за демократски напредок (ПДП), Драшко Станивуковиќ.

„Тоа е одраз на политиката која со години живее од поделби, омраза и конфликти“, кажа Станивуковиќ, додека Јелена Тривиќ, претседателка на партијата Народен фронт, оцени дека Додик со тоа го потврдил статусот на „српски срам“.

„Ова не е само говор на омраза, туку и кривично дело напад врз уставниот поредок, бидејќи уставите и на Босна и Херцеговина и на Република Српска јасно ги гарантираат човековите права и достоинство. Ако му кажете на цел народ дека смрди, дека се амеби и дека сите колективно лажат, тоа повеќе не е само говор на омраза – тоа е напад врз уставниот поредок и човечкото достоинство“, оцени Тривиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ