среда, 28 јануари 2026

На Црна Гора ѝ се заканува недостиг од гориво

Залихите на гориво во Црна Гора се ограничени на неколку дена, објави денес црногорското Министерство за енергетика и рударство, додека превозниците, како дел од најавениот протест, продолжуваат да го блокираат транспортот на овие суровини на границите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ден претходно црногорската влада испрати барање до сите нафтени компании кои работат во Црна Гора да достават клучни податоци за расположливите залихи, капацитетите и проценетиот период на редовно снабдување со нафтени деривати, со цел да се овозможи навремено планирање и координиран одговор.

„Според достапните информации, моменталниот оперативен капацитет на снабдувањето е намален во најголема мера до количеството на гориво кое е достапно на бензинските пумпи, што во сегашните околности може да овозможи функционирање на пазарот уште неколку дена, во зависност од динамиката на потрошувачката и понатамошниот развој на ситуацијата“, објави црногорската влада.

Се додава дека посебно внимание е насочено кон снабдувањето на јавните институции и објекти од посебно значење, вклучувајќи ги здравствените установи, комуналните и безбедносните служби, образовните институции, како и сообраќајната и друга критична инфраструктура.

Во случај протестот на транспортерите да продолжи и по утре, кога ќе истече дозволата што возачите на камиони ја добија од црногорската полиција, не е исклучено воведување мерки за рационализација на потрошувачката на гориво.

Во исто време, црногорската влада апелира до населението „да се однесува одговорно и разумно и да избегнува купување и складирање прекумерни количества гориво“, бидејќи, како што е објавено, во текот на претходниот ден, прометот на гориво бил речиси двојно поголем од вообичаениот дневен просек.

Во понеделникот Здружението на превозници на Црна Гора почна блокада на товарниот сообраќај во близина на девет гранични премини.

Црногорските превозници ги паркираа камионите на проширувања во близина на неколку гранични премини и го блокираат преминот за сите видови товарни возила, освен за превозниците кои превезуваат лекови, животни, експлозиви и оружје.

Блокирани се премини со Хрватска, со БиХ, Добраково со Србија, Кула со Косово, Божај со Албанија, како и влезот и излезот од црногорското пристаниште Бар.

Возачите на камиони во Црна Гора организираат блокади бидејќи бараат промени во износот на акцизата, чиј поврат го добиваат по литар гориво, побрз поврат на ДДВ, подолго работно време на граничните царински и фитосанитарни инспекции, промени во ЕТИАС и бенефиции за работно искуство. Црногорската полиција го одобри протестот за 72 часа, односно до утре во 12 часот.

Прекинот на сообраќајот на црногорските граници е дел од регионалниот протест на превозниците на товар од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија, поради ограничувањето на времетраењето на престојот, односно работата на професионалните возачи во земјите од Шенген зоната на максимум 90 дена во период од шест месеци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ