„Речиси е невозможно да се усвои Планот за раст. Тој има 113 точки, но имаше 700 забелешки. Денес никој не знае што е Планот за раст, а се бара да се усвои. Владата на Република Српска ќе го стави тоа прашање на дневен ред“, им изјави Додик на новинарите во Бања Лука по седницата на раководството на партијата СНСД.
СНСД, заедно со водечката бошњачка Партија за демократска акција, претходно го оспорија договорот за листата реформи на кој инсистира Европската Унија, за да може Босна и Херцеговина да ги користи средствата доделени на оваа земја како дел од Планот за раст наменет за Западен Балкан.
Поради ова на БиХ веќе ѝ се ускратени 100 милиони евра а во случај властите да не постигнат договор до крајот на септември, Европската комисија ќе задржи уште 100 милиони евра, кои ќе бидат распределени на другите земји од Западен Балкан.
Средствата од Планот за раст се главно поволни заеми кои им се достапни на земјите од Западен Балкан со цел да ги спроведат потребните институционални, економски и социјални реформи. Вчера европската комесарка за соседство и проширување Марта Кос повика на спроведување на потребните реформи и ја критикуваше власта на Република Српска.
Додик, пак, денес оцени дека Кос е пристрасна и дека разговарала само со Бошњаците, занемарувајќи ги другите два конститутивни народи. Тој ги отфрли нејзините тврдења за сецесионистички потези на владата на Република Српска. „Република Српска не може да спроведе сецесија. Република Српска може да се повлече од тој договор, но тоа не е сецесија“, истакна Додик.






