понеделник, 22 декември 2025

На БиХ ѝ се заканува енергетски колапс, гасот го добиваат од Русите преку Србија

Босна и Херцеговина останува целосно зависна од рускиот природен гас и нема да може да ги следи плановите на Европската Унија за целосно запирање на увозот на руски гас до крајот на 2027 година, бидејќи сè уште не се презема ништо во врска со проектот за јужна интерконекција, односно поврзувањето со гасната мрежа во Хрватска.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Во овој момент е невозможно да се запре тој процес, барем до крајот на 2027 година, кога, според планот на Европската Унија се предвидува целосно сопирање на увозот на руски гас од гасовод и течен природен гас “, изјави за сараевскиот весник Ослобоѓење експертот за енергетика Нихад Харбаш.

Законот за јужниот интерконекциски гасовод, кој би ја поврзал гасната мрежа на БиХ со онаа во Хрватска од централна Босна преку Херцеговина и би се протегал до раскрсницата во Загвозд, беше усвоен од парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина во јануари оваа година, но не беа преземени никакви чекори за негово спроведување.

Законот беше усвоен со вклучување на тогашниот амбасадор на Соединетите Американски Држави во Босна и Херцеговина Мајкл Мерфи, бидејќи за САД тоа е проект од стратегиско значење во контекст на напорите за намалување на зависноста на Европа од руските енергетски извори, односно гасот и нафтата, и засилена продажба на поскап американски гас во Европа.

На некои делови од законот силно се спротивстави ХДЗ БиХ бидејќи содржи одредба според која Јужната интерконекција ќе ја управува компанијата БХ Гас со седиште во Сараево, која во Мостар ја сметаат за загрозување на националните интереси на хрватскиот народ и затоа побараа основање на нова компанија во која хрватски персонал би играл значајна улога.

Усвојувањето на законот што требаше да ја обезбеди енергетската независност на БиХ беше засенето од политички контроверзии. Затоа нема индикации дека изградбата на нов гасовод би можела да почне, што предизвикува зголемена загриженост бидејќи постои можност Русија да го прекине снабдувањето со гас за Босна и Херцеговина во секој момент, во случај истата мерка да се донесе и за Србија од јануари следната година.

По спорот околу сопственоста на Нафтената индустрија на Србија (НИС) и санкциите кои САД ги воведоа врз таа компанија, Русија гарантираше испорака на природен гас во Србија само до 31 декември. Српскиот претседател Александар Вучиќ го смета тоа за еден вид уцена бидејќи Москва не сака да се доведе во прашање нејзиниот мнозински удел во НИС.

Единствениот гасовод преку кој БиХ снабдува гас од Русија поминува низ Србија, па евентуалниот спор меѓу Москва и Белград лесно би можел да влијае на пазарот во БиХ.

Доколку тоа се случи, БиХ ќе мора да се прибегне кон алтернативни извори на енергија, пред сè електрична енергија, но постојната електроенергетска мрежа во земјата нема да може да го издржи тоа, па затоа неизбежно би следел нејзин колапс.

Во исто време, греењето со цврсти горива би предизвикало значително зголемување на нивото на загадување на воздухот во градските центри, со што БиХ и онака има големи проблеми со децении.

Увозник на гас од Русија е сараевската компанија Енергоинвест, а нејзиниот директор Мирза Устамујиќ кажа дека во такви услови поврзувањето со гасната мрежа во Хрватска, односно ЕУ, станало најважно прашање бидејќи не станува збор само за безбедно снабдување, туку и за потребата од зајакнување на капацитетите за снабдување.

Како што објасни тој, Босна и Херцеговина моментално прима околу 200 милиони кубни метри гас преку Србија, а има потреба од значително повеќе.

„Постојат сите услови за изградба на Јужната интерконекција, но ако почнеме денес ќе ни бидат потребни пет до седум години. Да речеме, ако одлуката се донесе во 2027 година, односно за две години, одлуката дека рускиот гас повеќе не може да влегува, а Јужната интерконекција ќе трае пет години, што ќе се случи? Па, може да има енергетски колапс на земјата“, предупреди Устамујиќ во изјава за јавниот сервис на Федерацијата на Босна и Херцеговина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ