среда, 18 март 2026

Муслимани се молеле на Трафалгар сквер во Лондон: „Чин на доминација“ (ВИДЕО)

Британскиот премиер Кир Стармер го критикуваше конзервативниот пратеник кој кажа дека муслиманската молитва на Трафалгар сквер во Лондон е „чин на доминација“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој ги нарече изјавите на пратеникот Ник Тимоти „апсолутно ужасни“ и ѝ порача на лидерката на Конзервативната партија Кеми Баденок дека таа мора да ги осуди и да го отстрани Тимоти од функцијата министер за правда во сенка.

Зборувајќи во парламентот Стармер кажа дека никогаш не ги слушнал конзервативците да критикуваат нешто друго освен муслимански настани, поради што верува дека „Конзервативната партија има проблем со муслиманите“.

Но, Баденок го бранеше својот партиски колега, велејќи дека тој „ги брани британските вредности“.

Во понеделник вечерта Тимоти објави видео од стотици муслимани кои се молат на Трафалгар сквер за време на ифтар, оброкот со кој се прекинува постот за време на рамазан. Настанот го организираше градоначалникот на Лондон Садик Кан, кој се помоли со толпата и одржа говор.

Тимоти, кој беше шеф на кабинетот на поранешната премиерка Тереза ​​Меј, напиша: „Има премногу кои се препристојни за да го кажат ова, но масовната ритуална молитва на јавни места е чин на доминација. Повикот за молитва, кој прогласува дека нема друг бог освен Алах и дека Мухамед е негов гласник, кога се изговара на јавно место, е декларација за доминација“.

Тој додаде дека „тие ритуали“ треба да се одржуваат во џамии, а не на јавни места. „Не тврдам дека секој што бил на Трафалгар сквер е исламист, но окупацијата на јавните простори доаѓа од исламистички образец. Тоа беше чин на доминација и затоа и на поделба. Не треба да се повтори“, нагласи тој.

Градоначалникот Кан одговори објавувајќи фотографии од христијанскиот Велигден, хиндуистичкиот Дивали, сикшкиот Ваисаки и еврејската Ханука на истото место. „Лондон е и секогаш ќе биде место за сите. Единство над поделбата“, порача Кан.

Вицепремиерот Дејвид Лами го повика Тимоти да „прекине со поделбите“, истакнувајќи дека и припадниците на другите религии се поканети да ги слават своите празници на плоштадот Трафалгар.

Тимоти доби поддршка во сопствената партија. Министерот за транспорт во сенка Ричард Холден изјави за Скај њуз дека масовната молитва на јавни места „под одредени околности може да биде чин на доминација за различни групи“.

Лидерот на Конзервативната партија Кевин Холинрејк кажа: „Го поддржуваме Ник Тимоти 100 проценти“.

Тимоти денес дополнително ја засили својата реторика и ги обвини критичарите за „намерно погрешно толкување“. „Проблемот не е што муслиманите се собраа на Трафалгар сквер, туку што масовната ритуална молитва во јавност, во овој случај покрај црква, е чин на доминација“, оцени тој.

„Истото важи и за јавниот повик за молитва што експлицитно ги негира другите религии, вклучително и христијанството, тоа е разликата“, истакна тој. Додаде дека неговите критичари „не навлегуваат во сржта на проблемот“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ