вторник, 23 декември 2025

Мрежата Икс осомничена за странско мешање во Франција

Социјалната мрежа Икс денес објави дека одбива да ги исполни барањата на канцеларијата на париското обвинителство за обезбедување пристап до својот алгоритам.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Мрежата Икс е цел на кривична истрага бидејќи е осомничена за пристрасно менување на својот алгоритам по обвинувањата за странско мешање.

„Икс верува дека оваа истрага го искривува францускиот закон за да служи на политичка агенда и, на крајот, да ја ограничи слободата на изразување“, напиша Одделот за односи со јавноста на американската социјална мрежа во сопственост на Илон Маск.

Се додава дека поради овие причини, Икс (поранешен Твитер) не ги исполнил барањата на француските власти, бидејќи има законско право да не го стори тоа.

Според Икс, француските власти побарале пристап до неговиот алгоритам за препораки, како и податоци во реално време во врска со сите објави на корисниците на платформата.

Канцеларијата на парискиот обвинител на 11 јули објави дека на жандармеријата ѝ е доверена истрага за мрежата Икс и против физички лица кои ја водат компанијата.

Истрагата, доверена на Генералниот директорат на Националната жандармерија, се фокусира особено на манипулацијата од страна на организирана банда со работењето на систем за автоматска обработка на податоци и извлекувањето на податоци од системот за автоматска обработка на податоци.

Истрагата доаѓа по два извештаи примени во јануари за „наводна употреба на алгоритмот Икс за странско мешање“, според канцеларијата на јавниот обвинител.

Еден од овие извештаи е од пратеник специјализиран за овие прашања, Ерик Боторел, член на партијата на претседателот Емануел Макрон, кој го предупреди судството за тогашните „неодамнешни промени во алгоритмот на компанијата Икс, како и за очигледното мешање во нејзиното управување откако Маск стана нејзин сопственик“ – во 2022 година.

Компанијата категорично ги отфрла обвинувањата за манипулирање со својот алгоритам за странско мешање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ