недела, 7 декември 2025

Може ли Хамас да прифати разоружување, а Израел воспоставување палестинска држава?

Веројатно не треба никој да се потсетува колку договори за мир на Блискиот Исток досега не успеале и колку американски претседатели веќе триумфално објавија мировни договори во овој дел од светот пред камери и микрофони. Меѓутоа, олеснувањето, задоволството, па дури и еуфоријата меѓу Израелците и Палестинците откако претседателот Доналд Трамп објави во текот на ноќта дека е постигнат мировен договор во Газа е најдобриот доказ дека вредело да се потрудат околу компромисите на завојуваните страни.

Објавено на

часот

Сподели

Иако засега никој, па дури ни самиот Трамп, веројатно не знае кога и како ќе се спроведат сите 20 точки од неговиот мировен план, Хамас и Израел се согласија за прекин на огнот во Газа и за чекорите и роковите во првата фаза од договорот. Во текот на денешниот ден владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху официјално ќе го прифати договорот, а потоа во рок од 24 часа ќе се повлече по таканаречената жолта линија која ја дели Газа приближно на половина паралелно со морето.

Тоа треба да му овозможи на Хамас да ги лоцира сите преживеани заложници, околу дваесеттина, како и телата на заложниците кои оттогаш загинале или биле убиени. Заложниците треба да бидат ослободени најдоцна до понеделник, а истовремено двете страни треба да се договорат за списокот од 1.700 палестински затвореници кои ќе бидат ослободени од израелските затвори.

Тука завршува првата фаза од договорот и започнува сивата зона полна со прашања и дилеми. Но, исклучително е важно што Хамас и Израел воопшто се согласија за првите чекори и може да се каже дека мировниот план на Трамп за Блискиот Исток го помина првиот тест.

Клучна улога на Катар, Египет и Турција

Да им беше ова лесно за прифаќање на двете страни мировен договор ќе беше постигнат одамна. Канадскиот премиер Марк Карни најдобро го сумираше тоа утринава: „По години интензивно страдање, мирот конечно се чини дека е на дофат“.

Сите коментари денес како клуч за постигнување на договорот ја истакнуваат активната улога на арапските и муслиманските земји, како Египет, Катар и Турција, како и единствената поддршка од речиси целата меѓународна заедница.

Под таков притисок, истакнуваат аналитичарите, Израел и Хамас немаа друг избор освен да постигнат договор. „Нема сомнеж дека ова е голем ден, но кризата не е целосно исчезната и ние ќе продолжиме да правиме два чекори напред и еден чекор назад“, напиша еден коментатор.

Трамп во следните неколку дена ќе пристигне во Израел и во говор пред израелскиот парламент, веројатно ќе објави траен мир на Блискиот Исток, но само неколку часа по објавувањето на мировниот договор се појавија и првите пукнатини. Имено, министерот за финансии и лидер на израелската екстремна десница Безалел Смотрич порача дека нема да го поддржи договорот.

„Ги ослободуваме терористичките лидери“

„Иако чувствувам огромна радост поради претстојното враќање на заложниците, чувствувам и голем страв од последиците на пуштањето на следната генерација терористички лидери кои ќе прават сè за да продолжат да пролеваат реки еврејска крв“, рече злокобно Смотрих, додавајќи дека Хамас треба целосно да биде искоренет, а Газа демилитаризирана.

Се очекува дека списокот на Палестинци кои Хамас сака да ги ослободи ќе вклучува и имиња за кои Израел воопшто не сакаше да разговара во претходните договори и преговори. Според палестински извор близок до преговорите, на списокот се наоѓаат лидерот на движењето Фатах Марван ал-Баргути, и лидерот на Народниот фронт за ослободување на Палестина Ахмед Саадат. И двајцата отслужуваат повеќекратни доживотни затворски казни за учество во напади во кои загинале израелски граѓани.

Израелскиот министер очигледно добро го проучил планот на Трамп од 20 точки, кој во претпоследната точка всушност го отвора патот за воспоставување палестинска држава, што е неприфатливо за него: „Како што напредува реконструкцијата на Газа и како што се спроведува програмата за реформи на Палестинската самоуправа, би можеле да се создадат предуслови за кредибилен пат кон палестинско самоопределување и нивна сопствена држава, што е признато како аспирација на палестинскиот народ“.

Арапските земји кои учествуваа во постигнувањето на договорот исто така истакнаа дека договорот во одреден момент мора да доведе до признавање на независноста на палестинската држава, што Нетанјаху постојано порачува дека никогаш нема да се случи.

Хамас мора да ја предаде власта во Газа

Од друга страна, веројатно е дека прифаќањето на другите точки од мировниот план од страна на Хамас ќе биде клучно за неговата имплементација, бидејќи оваа милитантна и терористичка организација практично се обврзува на самораспуштање.

„Хамас и другите фракции нема да имаат никаква улога во управувањето со Газа. Целата офанзивна воена инфраструктура, вклучително и тунелите, ќе биде уништена. Газа ќе биде демилитаризирана под надзор на независни набљудувачи. Новите лидери на Газа ќе се обврзат на мирен соживот со своите соседи“, се наведува во точка 13 од планот на Трамп.

Во овој момент е тешко да се поверува дека Хамас ќе го прифати разоружувањето и препуштање на власта во Газа на некој друг. Деветтата точка од планот на Трамп го превидува следново: „Газа добива привремена преодна администрација во форма на технократски и неполитички одбор одговорен за секојдневното функционирање на јавните услуги за жителите на Газа. Одборот е составен од Палестинци и меѓународни експерти, а го надгледува Советот за мир на чело со Трамп и поранешниот британски премиер Тони Блер. Палестинската власт подоцна ќе ја преземе контролата врз Газа по завршувањето на реформската програма.“

Нетанјаху и Хамас под притисок

Многу аналитичари истакнуваат дека овој договор сепак ги приближил завојуваните страни повеќе од кој било претходен обид да се запре војната која избувна во регионален конфликт што ги погоди и Иран, Јемен и Либан.

Нетанјаху со овој договор се ослободува од внатрешниот притисок да ги ослободи заложниците, кој доминираше во израелското општество и политичкиот живот две години. На Хамас, пак, му е потребна пауза од израелските напади за да ги обнови своите воени капацитети и да мобилизира човечка сила. Обичните луѓе од двете страни во голема мера сакаат мир, но никој ништо не ги прашува.

Треба да се има предвид, како што истакна Ројтерс, дека едно претходно примирје траеше само десет дена, а друго шест недели. Со оглед на тоа што Израел и Хамас продолжуваат да имаат фундаментално спротивни крајни цели, оптимизмот и понатаму го следи силен скептицизам.

Што се однесува до опсесијата на Трамп да биде награден со Нобелова награда за мир, на членовите на Нобеловиот комитет во Осло денес веројатно не им е лесно. Вистински мир на Блискиот Исток е едно од најголемите достигнувања што може кандидат за оваа награда да го постигне. Јасер Арафат, Шимон Перес и Јицак Рабин веќе ја добија Нобеловата награда за мир за Блискиот Исток во 1994 година.

Доволно ли е ова за Нобелова награда за мир?

Алфред Нобел во својот тестамент од 1895 година одредил наградата да се доделува за најзначајниот придонес кон „братски договор меѓу народите, укинување или намалување на армиите и организирање и промовирање на мировни конгреси“.

Дали овој прв чекор е доволен за норвешките одборници да ги занемарат другите работи за кои се обвинува Трамп, како што се заканите за Гренланд, Канада и Панама? Или начинот на кој тој ја користи војската за одржување на редот во САД? Нобеловиот комитет ќе ги објави победниците утре.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ