сабота, 6 декември 2025

Може ли Европа да ги спаси замрзнатите руски средства од Доналд Трамп?

Европејците се бесни поради сугестијата на американскиот претседател Доналд Трамп дека милијарди руски средства, замрзнати во европските земји, би можеле да се употребат во корист на американската влада и компании.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По Трамповиот предлог за окончување на војната во Украина – кој подразбира Украина да предаде дел од територијата и да ги намали своите вооружени сили – Европејците побрзаа да ја поправат штетата и го изнесоа својот предлог.

„Секој ден нешто се менува“, рече државниот секретар Марко Рубио по состанокот со Европејците во Женева.

Но останува нејасно дали ќе успеат да ја задржат контролата над тоа како ќе се трошат руските замрзнати средства.

Агат Демара, виша истражувачка за геоекономија во Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), вели дека милијардите руски средства изгледа се клучната Трампова мотивација за туркање на договорот.

„Трамп е исклучително заинтересиран да ги добие тие милијарди“, рече таа за Дојче веле.

Што се руските замрзнати средства и каде се наоѓаат?

Кога Русија ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година, речиси 300 милијарди евра од нејзиниот капитал се наоѓаа надвор од Русија и потоа беа замрзнати врз основа на западните санкции. Тие средства вклучуваат пари на банкарски сметки, хартии од вредност, недвижности и јахти.

Иако многу земји – вклучувајќи ги САД, Канада, Велика Британија и Јапонија – држат дел од таа имотна маса, најголемиот дел се наоѓа во земјите членки на ЕУ, пред сè во Белгија. Еуроклиар, финансиски депозитар со седиште во Брисел, држи околу 180 милијарди евра замрзнати руски средства.

Од почетокот на војната Европејците расправаат дали и како да го користат рускиот имот за да ја натераат Русија да ја плати војната што ја почна. Последната таква расправија се водеше во октомври, кога Белгија стави вето на „репарацискиот кредит“ што ЕУ сакаше да ѝ го понуди на Украина за обновата на земјата.

Белгија стравува од правни проблеми и од тоа дека таа ќе биде таа од која Русија еден ден ќе бара враќање на своите пари. Затоа одби да се согласи и побара одговорноста да се подели со другите земји.

ЕУ очекуваше дека ќе ја успокои Белгија и ќе ја придобие на самитот кон средината на декември. Но Трамповиот предлог го расипа тој план и наместо тоа понуди нешто што Демара го опишува како предлог за „конфискација на руските средства што лежат во Европа“.

Што предлага Трамп, а што Европејците?

Според Трамповиот предлог од 28 точки, како што пренесоа разни медиуми, 100 милијарди долари (86 милијарди евра) замрзнати руски средства би биле инвестирани во „напори предводени од САД за обновување и инвестиции во Украина“.

Или, како што вели Демара: Трамп има намера да ги земе првите 86 милијарди евра од руските средства замрзнати во Европа и да ги искористи така што ќе профитираат и американската влада и американските компании.

Во планот исто така пишува дека Европа би додала ист износ за да се зголемат инвестициите за обновата на Украина. Тие пари со кои Трамп сака Европа да придонесе не би дошле од замрзнатите руски средства: „Тоа би било од џебовите на европските даночни обврзници“, вели Демара.

Повеќе од 200 милијарди евра преостанати замрзнати средства би се вложиле во заеднички американско-руски инвестициски фонд, „за да се создаде силен поттик да не се вратат во конфликт“.

„Од овој план би профитирале три актери – американските компании, американската влада и Русија“, рече Демара.

Предлогот на европските сили – Германија, Франција и Велика Британија – повикува на користење на државните руски пари за обновата на Украина. Според планот, руските средства замрзнати во Европа „ќе останат замрзнати сè додека Русија не ѝ ја надомести штетата на Украина“.

„Ова е начин некако да се тргне напред, но сè уште да не се конфискуваат руските средства“, вели за Дојче веле Филип Беднарчик, директор на варшавската канцеларија на институтот Германски Маршалов фонд (ГМФ) на САД.

„Сè уште сме некаде помеѓу, но дефинитивно во многу подобра позиција отколку во Трамповиот план од 28 точки — каде што и САД и Русија би имале збор за тоа каде ќе одат средствата, без консултација со Европејците“, вели Беднарчик.

Можат ли САД да ги користат руските средства што се наоѓаат во Европа во корист на американските компании?

Јана Кобзова, кодиректорка на програмата за европска безбедност во ЕЦФР, вели дека САД „држат само околу пет милијарди долари“ замрзнати руски средства и не можат да одлучуваат за средствата што се наоѓаат во европските земји.

„САД можат да одлучуваат само за средствата што се под нивна јурисдикција“, вели таа.

Во труд за ЕЦФР, Кобзова тврди дека Европејците мора да инсистираат на тоа „дека европската јавност би прифатила користење на руските средства од европска територија за стабилизација на Украина“ и би ги поддржала европските трошоци за одбраната на таа земја, „но тешко би прифатила тие средства едноставно да носат мегапрофит за американските инвеститори“.

Европските лидери јасно ставија до знаење дека се против Трамповиот план.

„Руските средства што се наоѓаат во Брисел не можат да им се исплатат на Американците, тоа е незамисливо“, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц во ексклузивно интервју за Дојче веле.

„Прашањата што директно ја засегнуваат ЕУ, како санкции, проширување или замрзнат имот, бараат полно учество на ЕУ во донесувањето одлуки“, рече Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави за РТЛ дека само Европејците можат да одлучат што ќе се прави со руските средства што ги држат Европејците.

Беднарчик вели дека Европејците во принцип не се против соработката со САД во дефинирањето заедничка стратегија и дека под поранешниот претседател Џозеф Бајден тие сакале колективна одлука за постапувањето со замрзнатите средства. Но сега тоа повеќе не го сакаат.

„Динамиката се промени“, вели Беднарчик. „Трамп многу помалку го уважува гласот на Европа и често ја игнорира.“

Експертите тврдат дека е време ЕУ да ја придобие Белгија и да дејствува брзо.

„Ако ЕУ го заплени рускиот имот и ѝ одобри кредити на Украина, Трамп повеќе нема да може да дојде до 300 милијарди евра“, вели Демара.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ