петок, 12 декември 2025

Може ли Албанија навистина без кеш?

Еди Рама, кој во мај го доби својот четврти мандат, им вети на граѓаните дека ќе ја внесе земјата во Европската Унија до 2030 година. Во јули, тој објави уште еден голем план за истиот временски период: „Имаме амбиција до крајот на оваа деценија, Албанија да стане безготовинско општество, што значи дека сите интеракции и финансиски трансакции треба да бидат целосно дигитални“, кажа тој на состанокот со претставници на стартапи и секторот за технологија и иновации наречен „Албанија 2030 – визија кон европската интеграција“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Потребни се повеќе обуки и развој“, додаде тој, нагласувајќи дека алатките за безготовинска Албанија веќе постојат. „Верувам дека ако успееме јасно да го дефинираме планот, оваа цел е целосно остварлива и ќе ја ослободи земјата од товарот на застарените практики и неефикасноста кои го отежнуваат секојдневниот живот“, кажа Рама.

Сè звучи едноставно. Но, дали е навистина така, прашува Дојче веле.

„Преферирам кеш“

Во секојдневниот живот, 62-годишната Мимоза А. од Тирана вели дека ја користи картичката само за да ја подигне платата од банкомат во близина на нејзиниот стан.

„Не е вообичаено луѓето од мојата генерација да користат картичка за плаќање во продавница или кај фризер. Јас претпочитам готовина и секогаш ќе ја користам“, изјави таа за Дојче веле.

Мимоза не е сама во овој став – повеќето луѓе во земјата размислуваат на ист начин.

Дали безготовинското општество е само сон?

Кога Албанија се ослободи од комунистичката диктатура пред 35 години, таа немаше современ банкарски и финансиски систем. Напредокот беше бавен и дури и по транзицијата кон демократија – банкоматите беа воведени дури во 2004 година.

Арбен Маљај, поранешен министер за финансии и економија (1997–2005), а сега финансиски експерт и предавач, смета дека популизмот е главниот двигател на амбицијата на Рама. Тој наведува неколку клучни пречки за реализација на безготовинско општество во следните пет години:

„Високата стапка на сива економија, особено во земјоделството, кое сочинува голем дел од бруто домашниот производ (БДП), е многу повисока отколку во остатокот од регионот. Голем процент од населението живее во рурални средини. Исто така, поголемиот дел од приходите од дијаспората – милијарди евра годишно – доаѓаат од надвор од официјалните канали. А главните трговски партнери на Албанија – Турција, Грција и Италија – исто така имаат висока стапка на сива економија“, вели Маљај.

Предупредува дека секое намалување на употребата на готовина би барало огромни инвестиции во сајбер безбедноста.

„Опасна“ амбиција

Експертите за сајбер безбедност како Бесмир Семанај сметаат дека идејата на Рама не е само нереална, туку и „опасна“. Тој потсетува на големите сајбер напади врз државните институции во 2024 година, вклучувајќи го системот е-Албанија, веб-страницата на Парламентот и Заводот за статистика.

Семанај вели дека овие напади покажуваат колку е изложена Албанија и дека ја нема потребната инфраструктура за заштита на критичната инфраструктура.

„Дури и најразвиените земји во Европа, како што се Шведска и Норвешка, ја разгледуваат потребата да држат минимална количина готовина во оптек – токму поради безбедноста и подготвеност во вонредни ситуации“, рече тој.

„Додека најдигитализираните земји чуваат „резервни опции“, Албанија планира да стане 100 проценти дигитална за помалку од десет години, без основна сајбер заштита. Економијата која зависи исклучиво од дигиталните системи и нема алтернатива, останува незаштитена и ранлива – вирус или прекин на електричната енергија би ја парализирале целосно“, предупредува Семанај.

„Малите и средните претпријатија најмногу ќе настрадаат“

Хазис И, менаџер за туризам со 40 години искуство, раководи со еден од најпопуларните хотели во Тирана. Странските туристи генерално плаќаат со картички, додека домашните гости сè уште претпочитаат готовина. Ова ги зголемува трошоците за хотелите, бидејќи банките наплаќаат провизии за секое плаќање со картичка.

Хазис И. не е голем оптимист во врска со планот на премиерот.

„Јас сум против безготовинско општество. Можеме да се справиме со туристи кои сакаат да платат за кафе од 1,50 евра со картичка. Но, што да правам со малите производители од кои купуваме зеленчук или сирење од фармата за нашиот ресторан“, прашува Хазис.

„Во текот на летната сезона, редовно купувам лубеници од земјоделецот кој ги продава на аголот. Тој никогаш не користел дигитални плаќања и сигурен сум дека никогаш нема. Овој план ќе ги уништи малите претприемачи. Дури и ние ќе кубуриме со тоа“, вели тој за Дојче веле.

Недостиг од конкретни цели

За Арбен Маљај, целта Албанија да стане безготовинска до 2030 година не е јасно дефинирана и затоа не е мерлива. Според него, владата би можела да постави конкретни цели само по детална анализа на системот за плаќање од страна на институциите, експертите и академската заедница.

„Во моментов, не постои економија со „нулта готовина“. Во земјите со ниско ниво на финансиска едукација, слаба дигитална писменост, лошо управување и слаби јавни услуги – како што се образованието, здравството и социјалната заштита – и висока стапка на корупција, невозможно е да се постигне одржлив успех на краток рок“, вели Малај.

Сепак, Централната банка на Албанија бележи зголемување на електронските плаќања во последните десет години.

„Граѓаните имаа корист од пониски трошоци, производи прилагодени на нивните потреби и подобар пристап до услугите за плаќање, што се одрази во двоцифрениот раст на електронските плаќања – од две по глава на жител во 2015 година на 21 годишно“, кажа гувернерот Гент Сејко.

На долг стап

За Семанај, ова е сè уште далеку под стандардот на ЕУ, каде што земјите членки имаат повеќе од 300 дигитални трансакции по глава на жител годишно.

„Е-трговијата е ограничена (во Албанија). Платформи како Страјп не работат во Албанија, а локалните банки нудат скапи и комплицирани системи. Пејпал постои за поединци, но не и за бизниси. Ова го ограничува и блокира пристапот до глобалната дигитална трговија“, вели тој.

Значи, иако премиерот Еди Рама сака Албанија да се приклучи на ЕУ што е можно поскоро, се чини дека транзицијата кон безготовинско општество ќе бара повеќе од една деценија и сериозна трансформација на финансиската култура.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ