„Тргнуваме од фактот, и мислам дека американската страна го разбира тоа совршено, дека преговорите ќе бидат билатерални, меѓу претставници на Русија и Украина“, изјави Ушаков пред новинарите по телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп, кој траел околу еден час.
Путин, исто така, го информирал Трамп дека Москва е подготвена да одржи трета рунда директни разговори со Украина, иако, како што додаде Ушаков, лидерите не разговарале за конкретни датуми или термини.
Рускиот претседател му доставил извештај на американскиот лидер за спроведувањето на претходните хуманитарни договори постигнати меѓу Русија и Украина во Истанбул.
„Тој (Путин) го информираше (Трамп) за напредокот во спроведувањето на договорите од Истанбул што беа постигнати за време на втората рунда директни руско-украински контакти“, им изјави Ушаков на новинарите.
Тој истакна дека, иако третата рунда преговори останува отворена опција, „конкретната содржина на можната трета рунда не е дискутирана“. „Нашиот претседател изјави дека сме подготвени да го продолжиме процесот на преговори“, додаде Ушаков.
Првите две рунди преговори меѓу Русија и Украина се одржаа во Истанбул и резултираа со размена на затвореници и предавање на телата на загинатите војници на Киев. Исто така, беа разменети и нацрт меморандуми за решавање на конфликтот.






