вторник, 1 април 2025

Москоу тајмс: Русите од 2023 продале 70 отсто од резервите на злато од националниот фонд

Руската влада организирала голема распродажба на злато од Националниот фонд на богатство (ФНБ) за да се пополни сојузната благајна, во која секоја трета рубља оди за војската, тврди Москоу тајмс. Според податоците на министерството за финансии на Русија, количеството злато во ФНБ се намалило за речиси 70 отсто во последните две години – на 1 јануари 2023 фондот има 554,9 тони злато, а на 1 јануари 2025 останале само 187,7 тони.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во текот на 2023 резервите на злато на ФНБ се намалиле за 196 тони, односно за 35 отсто, а до крајот на минатата година се намалиле за половина, или за 171 тон. Министерството за финансии продавало злато од фондот речиси секој месец за да го покрие буџетскиот дефицит за 2024 година: 26 тони во јуни, околу 5 тони во јули, исто толку во август, 0,7 тони во септември, 9 тони во октомври и 4 тони во ноември.

Во декември, кога расходите го достигнале врвот и надминале 7 билиони рубљи (73,8 милијарди евра месечно, резервите на злато во ФНБ се намалиле за руди 92 тони. Според податоците на министерството за финансии, пишува Москоу тајмс, само 58,9 тони се користени за покривање на буџетскиот дефицит (кој надминал 4 билиони рубљи).

Владата веројатно продала уште 30 тони за спроведување „одредени проекти“, се наведува, без да се прецизира кои точно проекти добиле финансирање од златото на ФНБ.

Според Москоу тајмс, златото, заедно со кинескиот јуан, го сочинува ликвидниот дел на ФНБ, односно средства кои сè уште не се потрошени. Иако вкупниот волумен на фондот на почетокот на годината изнесувал 111,56 милијарди евра, само 35,72 милијарди се останати во ликвидниот дел на фондот, се тврди.

Пред војната во Украина, Националниот фонд на богатство, кој првично е формиран за „кофинансирање“ на пензиите, а подоцна стана извор за пополнување на буџетските дупки, имал 108,41 милијарди евра ликвидни средства.

Во текот на трите години на војната руската влада потрошила две третини од средствата на фондот, односно 72,59 милијарди евра, пренасочувајќи 68,4 милијарди евра за покривање на буџетскиот дефицит. Притоа се вложени стотици милијарди рубљи во државните корпорации на кои им требала помош поради санкциите.

Ликвидниот дел на ФНБ сега изнесува 3,8 билиони рубљи (40 милијарди евра). „Во случај на нагло паѓање на цените на нафтата, тоа би било доволно за најмногу шест месеци финансирање на буџетските расходи“, предупредува Михаил Задорнов, поранешен министер за финансии и претседател на управата на банката Откритие.

Исцрпувањето на значаен дел на ФНБ стана симбол на трошењето за одбраната и зголемувањето на платите во земјата, истакнува Задорнов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ