Како што објави Ројтерс, Гулјас им изјави на новинарите дека „може да постои можност за нормална пазарна трансакција, но преговорите се во тек“.
„Да повторам, во интерес на НИС е руското сопствеништво да престане. Една од опциите е МОЛ да преземе поголема улога“, кажа Гулјас, додавајќи дека Унгарија е „подготвена да разгледа“ помош во трансакцијата доколку е потребно.
Србија мора да најде купувач за НИС, кој е под американски санкции поради руското сопствеништво. Поради оваа причина, испораката на сурова нафта преку хрватскиот нафтовод Јанаф беше прекината.
Белград предупреди дека единствената рафинерија за нафта во Србија ќе мора да биде затворена оваа недела, освен ако санкциите не се одложат.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој во четвртокот се сретна со претседателот Александар Вучиќ за време на неговата посета на Србија, изјави дека ќе разговара за да се осигури дека Унгарија добива доволно руска сурова нафта и гас, што би ѝ овозможило да обезбеди нафта и за Србија.
Орбан не кажа каде и со кого ќе разговара, а во медиумите се појавија информации дека тоа би можело да се случи на средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.
Тој и Вучиќ им се обратија на новинарите откако им беа доделени награди од Фондацијата „Иштван Пастор“ за подобрување на односите меѓу двете земји и народи во Суботица, објави агенцијата Бета.
Кога еден новинар го праша да ја коментира изјавата на шефот на неговиот кабинет дека МОЛ може да купи удел во НИС, тој кажа дека одлуката е на Србија.
„Ќе биде како што ќе одлучат Србите, а ние со задоволство ќе учествуваме во тоа. Тоа е исклучиво ваша одлука, ние ви стоиме на располагање“, кажа Орбан.
Ројтерс наведува дека унгарскиот лидер е сојузник и на Путин и на американскиот претседател Доналд Трамп и дека обезбедил Унгарија да продолжи да добива руска нафта и гас и покрај напорите на другите членки на Европската Унија да ја намалат зависноста од руските енергетски извори.
Вучиќ во вторникот изјави дека Белград ќе им даде на руските сопственици на НИС – Газпром њефт и Газпром – 50 дена да го продадат својот удел во компанијата, или државата ќе го преземе управувањето и ќе понуди да го откупи рускиот удел. Мнозински акционери се Газпром њефт (44,85 проценти од акциите), Србија (29,87 проценти) и акционерското друштво Интелиџенс од Санкт Петербург, под управување на Газпром (11,3 проценти).
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави во средата дека МОЛ ќе испорача два и пол пати повеќе сурова нафта и гориво во Србија во декември од вообичаеното.
Вучиќ изјави дека сè уште нема одлука на САД за лиценцата за НИС, поради што рафинеријата Панчево би можела да престане со работа во сабота или недела. Сепак, тој кажа дека граѓаните немаат причина да се грижат.
„Граѓаните на Србија немаат причина да се грижат. Ќе обезбедиме целосно снабдување на граѓаните и компаниите и на сите институции на системот… Денес е 50-тиот ден откако ниту еден литар нафта не поминал низ цевководот од Хрватска. И исто така 50-тиот ден откако никој не почувствувал никаков проблем, што зборува за подготвеноста на земјата“, кажа Вучиќ во Суботица.
Тој изјави дека има информации дека Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК) на Министерството за финансии на САД би можела да донесе позитивна одлука по прашањето за доделување лиценца на NIS за продолжување на работата, но дека се чека одлуката на Стејт департментот.
Според Вучиќ, Србија не планира да го национализира рускиот удел во сопственоста на НИС, но дека е подготвена да обезбеди разумен рок за продажба, но во исто време е во исклучително тешка позиција.
„Очекувавме и се надевавме на поинаква одлука, но сме подготвени за ова и граѓаните не треба да се грижат за електрична енергија, греење или снабдувањето на пумпите. Ги преземаме сите мерки, од кои една е соработка со нашите унгарски пријатели во врска со увозот на поголеми количини нафтени деривати“, кажа тој.
На прашањето на новинарите како се подготвува Србија во случај рафинеријата да престане со работа, Вучиќ кажа дека во сабота или недела очекува рафинеријата да излезе од „тивкиот од“. „Ако и тоа се случи, во најдобар случај ќе бидат потребни 15 до 16 дена за да се обнови производството. Но, што да правиме“; кажа Вучиќ и повтори дека тој и државата Србија ги дале сите гаранции дека ќе се почитуваат санкциите на САД.






