недела, 7 декември 2025

Моќни донатори ја позлатуваат Белата куќа, децении историја претворени во куп урнатини

Технолошки гиганти, криптомилијардери и тутунски компании се натпреваруваат кој ќе инвестира повеќе во балската сала на Трамп.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Паоло Тирамани, основач на компанија за модуларни куќи во Лас Вегас, слушнал дека претседателот Доналд Трамп сака да изгради голема балска сала украсена со злато во Белата куќа и видел шанса за себе.

Тирамани брзо напишал чек од 10 милиони долари, преку еден фонд, приклучувајќи се кон десетиците донатори со длабок џеб во финансирањето на најновиот проект за недвижности на Трамп. Со тоа, тој си обезбедил лична средба со претседателот, пишува Фајненшл тајмс.

Парите беа „израз на благодарност за она што го прави претседателот“, рече Тирамани, кој беше поканет на вечера со Трамп, заедно со милијардерите Ајк Перлмутер и нафтниот тајкун Харолд Хам.

Додека булдожерите минатата недела го уриваа историското Источно крило на Белата куќа, многумина се прашуваа дали изградбата на балската сала со 999 седишта е уште една можност за корпорациите и донаторите да ѝ се додворат на администрацијата на Трамп.

„Разбирам дека е контроверзно“, додаде претприемачот Тирамани, но „не е личен проект – Трамп нема да го понесе со себе кога ќе замине“.

Додека минатата недела приредуваше раскошна вечера за главните донатори, претседателот го опиша проектот (за кој првично рече дека нема да биде потребно уривање на постоечки комплекс на федералниот имот) како можност за „патриотите“ да помогнат во јакнењето на „угледот“ на Белата куќа, објави ФТ.

Британскиот весник објави дека на повикот за донации одговориле технолошките гиганти Амазон, Гугл и Мета, како и многубројни компании што побарале од сегашната администрација регулаторни олеснувања или промени во политиката.

Јутјуб, подружница на компанијата Алфабет, минатиот месец му соопшти на судот дека неговите 22 милиони долари од спогодбата со Трамп – поврзана со суспендирањето на неговата сметка во 2021 година – ќе бидат донирани во фондот за балска сала. Локид Мартин, најголемиот воен изведувач на американската влада, наводно ветил 10 милиони долари за проектот.

Фото: ЕПА

„Локид Мартин е благодарен за можноста да помогне во реализацијата на визијата на претседателот и да придонесе за ова дополнување на домот на народот, моќен симбол на американските идеали што ги браниме секој ден“, рече портпаролот на компанијата.

Според Белата куќа, меѓу донаторите се и криптокомпаниите Тетер, Коинбејс и Рипл, како и Камерон и Тајлер Винклвос, основачи на криптогрупата Џемини. Комисијата за хартии од вредност (СЕЦ) последниве месеци ги запре постапките против Коинбејс, Рипл и Џемини.

Тутунската компанија „Рејнолдс Американ“ и уште една тутунска група, „Алтриа“, кои имаа корист од одлуката на администрацијата на Трамп да го укине планот од времето на Џо Бајден за забрана на ментол цигари и ароматизирани пури, беа исто така меѓу донаторите на фондот за балска сала.

Демократите во конгресните комисии велат дека ваквите донации предизвикуваат загриженост за „транспарентноста, приоритетите за финансирање… и етичкиот интегритет“ на администрацијата на Трамп и побараа документи од Белата куќа што би можеле да покажат дали донаторите очекуваат пристап или поволни одлуки од федералната влада во замена за нивната финансиска поддршка.

Но Тирамани, чија компанија БОКСАБЛ би можела да има корист ако се донесат федерални закони за поедноставување на регулирањето на модуларната конструкција, рече дека неговото вклучување нема никаква врска со дискусиите што тој и неговиот син ги водат со надлежните агенции.

„Претседателот дури не ни знаеше за дискусиите што ги водиме на федерално или локално ниво“, рече тој. „Ова беше донација за помош на земјата.“

Трамп, кој првично рече дека проектот ќе чини 200 милиони долари, подоцна се пофали со приливот на нови донации, за кои рече дека ќе покријат проширен буџет од 350 милиони долари.

Претседателот, исто така, го оправда проектот велејќи дека е неопходен за да можат Соединетите Држави да бидат домаќини на странски достоинственици.

Во својот говор на настанот за собирање средства, Трамп се осврна на приемите за кинескиот лидер Си Џинпинг и францускиот претседател Емануел Макрон за време на нивните државни посети, за кои обично се крева свечен шатор на тревникот на Белата куќа.

„Имате околу десет сантиметри вода – буквално ви се прелева преку чевлите, и се обидувате да се преправате дека тоа не се случува, но се случува“, рече тој.

Според други, токму планот на Трамп се заканува да го наруши достоинството на Соединетите Американски Држави.

Фото: ЕПА

Современото источно крило е изградено за време на администрацијата на Франклин Д. Рузвелт за сместување на дополнителниот персонал за време на Втората светска војна, а подоцна стана центар за социјални настани и канцеларија на првата дама.

Националниот фонд за зачувување на историските споменици, основан од Конгресот за заштита на националните знаменитости, ја повика Белата куќа да го запре реновирањето сè додека не се направат промени за да се обезбеди „историскиот интегритет и симболика на домот на народот“. Здружението на архитектонски историчари издаде слично предупредување.

Челси Клинтон, ќерката на Бил и Хилари Клинтон, објави на Икс: „Рушењето на источното крило не е само прашање на мермер или малтер – станува збор за тоа како претседателот Трамп повторно удира со разорна кугла во нашето наследство, а истовремено ги таргетира нашата демократија и владеењето на правото“.

Доналд Трамп помладиот одговори, алудирајќи на аферата на поранешниот претседател Бил Клинтон со Моника Левински:

„Лол, твоите родители се обидоа да украдат мебел и сребрен прибор од Белата куќа… а да не ја споменувам приправничката. Подобро ти не се јавувај.“

Белата куќа се обиде да го одбрани уривањето на источното крило. Минатата недела, на својата официјална веб-страница додаде галерија на која се прикажани начините на кои демократите наводно ја осквернавиле зградата. Во неа беа истакнати сексуалниот скандал на Клинтон, употребата на дрога од Хантер Бајден и снимањето видео на топлес-гостинка за време на прославата на Денот на видливост на трансродовите лица за време на претходната администрација.

Донаторите на Трамп ги пофалија визуелните ефекти од планираното уривање на 123-годишната зграда и нејзината замена со нова структура.

„Ќе биде многу злато, но ќе биде убаво“, рече Тирамани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ