среда, 14 јануари 2026

Младите Американци сè почесто ги отфрлаат Демократската и Републиканската партија, покажува нова анкета

Американците сè повеќе ги отфрлаат двете главни политички партии, покажуваат податоците од нова анкета, објави АП.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Речиси половина, односно 45 отсто од возрасните во САД, сега се идентификуваат како независни, покажува ново истражување на Галуп. Тоа е значителна промена во однос на состојбата пред 20 години, кога околу една третина од Американците велеа дека не се идентификуваат ниту со Демократската ниту со Републиканската партија.

Според анализата на Галуп, оваа група сè повеќе е водена од незадоволството од партијата што е на власт. Тоа е динамика што може да им оди во прилог на демократите на годинашниве меѓуизбори, но не ветува долгорочна лојалност. Во изминатата година, независните почесто се приклонувале кон демократите кога биле прашани кон која партија се наклонети, но ставовите кон самата партија не станале попозитивни. Тоа укажува дека добивките на демократите веројатно се повеќе поврзани со сè понегативните ставови на независните кон претседателот Доналд Трамп, отколку со раст на симпатиите кон Демократската партија.

Особено младите луѓе ги отфрлаат партиите со многу поголема стапка отколку постарите генерации. Повеќе од половина од припадниците на генерацијата З (родените приближно меѓу 1997 и 2012 година) и миленијалците (родени меѓу 1980 и 2007) се идентификуваат како политички независни, додека кај постарите генерации мнозинството се определува за некоја партија. Ова претставува промена во однос на минатото, кога повеќе млади возрасни се идентификувале со демократите или републиканците. Тоа е и дел од причината зошто честите и драматични промени на политичката моќ би можеле да станат сè понормални.

Демократите повторно стекнуваат предност кај независните

Независните одамна се најголемата политичка група во САД, а нивниот број расте во последните 15 години. Но честопати тие се повеќе наклонети кон една од двете партии.

Оваа година, Демократската партија стекна предност кога независните беа прашани дали повеќе се наклонети кон демократите или републиканците. Речиси половина, односно 47 отсто од возрасните во САД, сега се идентификуваат како демократи или се наклонети кон Демократската партија, додека 42 отсто се републиканци или се наклонети кон Републиканската партија. Ова го одразува начинот на кој Американците се чувствуваат во однос на својата политичка припадност и не мора нужно да се поклопува со формалната регистрација на гласачите.

Ова ја промени тригодишната предност во партиската идентификација што ја имаше Републиканската партија додека претседател беше Џо Бајден, враќајќи ја состојбата на она ниво на кое демократите беа за време на првиот мандат на Трамп.

Иако ова не е лоша вест за демократите во обидот да вратат контрола над еден или двата дома на Конгресот во ноември, поверојатно е дека тие имаат корист од незадоволството на независните од Трамп, отколку што градат трајна поддршка. Поддршката за Трамп кај независните континуирано опаѓала во текот на годината, додека популарноста на демократите останува историски ниска.

Младите ја движат силата на независните

Младите Американци се главниот двигател на растот на бројот на возрасните што се идентификуваат како независни.

Истражувањето на Галуп покажува дека мнозинството од возрасните припадници на генерацијата З и миленијалците – родени меѓу 1981 и 2007 година – сега се идентификуваат како независни. Кај постарите генерации, оваа идентификација е послаба: околу четири од десет припадници на генерацијата Икс (родени меѓу 1965 и 1980) се сметаат за независни, а кај уште постарите генерации тоа се околу три од десет.

Денешните млади возрасни имаат поголема веројатност од претходните генерации да се идентификуваат надвор од Демократската и Републиканската партија. Додека 56 отсто од возрасните припадници на генерацијата Зед се сметаат за независни, тоа е повеќе отколку во 2012 година, кога 47 отсто од миленијалците се идентификувале така, и повеќе отколку во 1992 година, кога 40 отсто од генерацијата Икс се сметале за независни, според анализата на Галуп.

Ова значи дека овој тренд веројатно нема да се промени, освен ако партиите не успеат значително да го променат начинот на кој младите ги перципираат.

Независните Американци сè повеќе се умерени

Анкетите на Галуп покажуваат дека Американците што се идентификуваат како умерени сè почесто не се препознаваат во ниту една од двете партии.

Во последната деценија, сè повеќе независни ги опишуваат своите политички ставови како „умерени“, додека демократите и републиканците сè поретко се идентификуваат на тој начин. Во 2025 година, околу половина од независните, односно 47 отсто, се сметале за умерени, во споредба со околу три од десет демократи и околу два од десет републиканци.

Истовремено, Демократската и Републиканската партија идеолошки стануваат сè пополаризирани. Околу шест од десет демократи сега се идентификуваат како либерални, додека уделот на оние што се сметаат за умерени е меѓу најниските досега. Кај републиканците, 77 отсто се сметаат за конзервативни, а и кај нив умерената идентификација е на историски најниско ниво.

Ова создава дополнителен предизвик за двете партии, бидејќи обидите да се привлече центарот за да се освојат растечките независни гласачи може да доведат до отуѓување на најпосветените делови од нивната база.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ