сабота, 28 март 2026

Млада Шпанка почина со еутаназија по долга правна битка со родителите

Дваесет и петгодишната Шпанка Ноелија Кастиљо, која барала да ѝ биде дозволена еутаназија и водела долга битка со семејството за правото на тоа, почина во четвртокот во Барселона откако ѝ било дадено хемиско средство за окончување животот со судско одобрение.

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Објавено на

часот

Сподели

Во интервјуто емитувано во средата, еден ден пред нејзината смрт, Кастиљо изјави за шпанската телевизија Антена 3: „На крајот успеав. Едноставно не можам да продолжам понатаму“. Нејзиното размислување е едноставно: „Среќата на таткото или мајката не треба да ја надвладее среќата на ќерката“.

Кастиљо била ментално болна и затоа двапати се обидела да се самоубие. Вториот пат, како што изјави за телевизијата Антена 3, се обидела по сексуален напад во 2022 година, и оттогаш не можела да оди, туку се движела во инвалидска количка.

Во април 2024 година, Кастиљо побарала од независен каталонски одбор на лекари, адвокати и експерти за биоетика да ја одобри нејзината еутаназија. Одборот го одобрил нејзиното барање врз основа на проценки со кои нејзината здравствена состојба била оценета како тешка и неизлечива, со заклучок дека 25-годишната девојка страда и од тешки, хронични и исцрпувачки маки.

Кастиљо година и пол се борела за своето право да умре додека нејзиниот татко покренал правна битка. Нејзините родители се противеле на нејзината одлука до самиот крај, а биле застапувани од конзервативната католичка организација Абогадос кристијанос.

Преку таа организација таткото го презентирал аргументот дека менталната болест ја прави неговата ќерка неспособна да донесува одлуки и затоа бара да си го одземе животот.

Кога судот во Барселона пресуди во корист на Кастиљо и нејзиното право на еутаназија, адвокатите на нејзиниот татко повторно се жалеле и случајот на крајот стигна до Врховниот суд на Шпанија. Во јануари, судот ги потврди правата на Кастиљо.

Во последен обид да ја спречи постапката, Абогадос кристијанос се жалел до Европскиот суд за човекови права, кој го отфрли барањето овој месец.

Адвокатката Полонија Кастеланос кажа дека семејството смета дека државата ја напуштила нивната ќерка дозволувајќи ѝ да умре.

Таа го повтори аргументот на своите клиенти дека Кастиљо имала нарушување на личноста и оцени дека тој случај е пример дека законот за еутаназија е неуспешен и треба веднаш да се укине.

Додека се одвивала семејната правосудна битка, случајот бил внимателно следен во Шпанија, каде што закон од 2021 година дава право на еутаназија и медицински помогнато самоубиство за терминално болни пациенти и оние со неиздржливи трајни состојби. Процесот се состои од поднесување на две писмени барања, проследени со консултации со експерти кои претходно не биле поврзани со случајот што го разгледуваат.

Откако Шпанија го донесе законот за еутаназија, до крајот на 2024 година, според Министерството за здравство, 1.123 лица го завршиле својот живот на овој начин.

Шпанија е една од деветте земји на ЕУ во кои им е дозволено на луѓето со неподносливо страдање да имаат пристап до помогнато умирање со закон, а критериумите варираат од земја до земја.

Еутаназијата ја вршат лекари или здравствени работници под строги услови, со давање смртоносна инјекција на јасно барање на пациентот, додека медицински помогнатото самоубиство се состои во тоа што самиот пациент зема смртоносен хемиски пијалак или лек со таков ефект препишан од лекар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ