Според Скај њуз, откако беше објавено дека Рубио не доаѓа, се чини дека и Париз и Берлин се откажале од испраќање на своите министри.
Во меѓувреме, американскиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог, ќе учествува на дискусиите во Лондон со високи претставници од Франција и Германија. Се известува и дека во Лондон доаѓа и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха и ќе има билатерална средба со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами.
Претходно беше објавено дека американскиот државен секретар Марко Рубио, кој требаше да пристигне во Лондон на средба со министрите за надворешни работи на Украина, Франција и Германија, го откажал патувањето.
Намалувањето на нивото на дипломатските преговори доаѓа во време на зголемен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот тим врз Киев и Москва да постигнат прекин на огнот.
Американскиот мировен предлог за кој ќе се разговара во Лондон предвидува американско признавање на илегалната руска анексија на Крим.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно одговори дека Украина нема законски да ја признае окупацијата на Крим бидејќи тоа е забрането со Уставот. Соединетите Држави ѝ дадоа на Украина таканаречен конечен мировен предлог со кој Крим ќе се признае како дел од Русија и неформално ќе се признае руската контрола врз речиси сите територии окупирани од почетокот на инвазијата во 2022 година.
Откако беше обелоденет планот, Фајненшл тајмс објави дека Путин понудил да ја запре руската инвазија на Украина долж сегашната линија на фронтот како дел од можниот договор.