Витакер верува дека мировниот договор ќе биде потпишан „кога ќе дојде вистинското време“ и е убеден дека завојуваните страни сега се блиску до постигнување мир во Украина.
„Постојано го повторувам ова, не само затоа што верувам во него, туку и затоа што многу внимателно следам што се случува во преговорите. Мислам дека сме поблиску до мир во Украина од кога било“, оцени тој.
Тој додаде дека документите за мировниот договор ќе ги потпишат Доналд Трамп и Володимир Зеленски „кога ќе биде соодветно и кога ќе дојде време“.
„Верувам дека треба да продолжиме да се молиме за мир, но во исто време да обезбедиме Украина да продолжи да има, преку ПУРЛ (програмата преку која европските членки на НАТО купуваат оружје за Украина од САД) и други иницијативи, сè што ѝ е потребно за да се одбрани“, кажа тој.
Соединетите Американски Држави очекуваат земјите членки на НАТО да објават нови обврски за купување американско оружје за Украина за два дена. Витакер, исто така, ги именуваше трите земји кои купиле најмногу американско оружје за Украина во рамките на програмата ПУРЛ: Германија, Холандија и Норвешка.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте вети за време на посетата на Украина дека ќе обезбеди повеќе од 15 милијарди американски долари за купување оружје за украинските вооружени сили како дел од истата програма.






