Хелез на новинарите во Сараево им кажа дека прекинот на воената соработка со Србија е реакција на тоа што нивниот министер за одбрана Братислав Гашиќ на почетокот на неделата седеше додека се интонираше химната на БиХ.
Гашиќ тоа го направи следејќи ја постапката на претседателот на Република Српска Милорад Додик кој седна кога за време на воената свеченост во касарната Козара во Бања Лука на 12 мај беше интонирана химната на БиХ.
Сите други присутни стоеја, а само Додик и Гашиќ седеа.
„Поради тоа донесов одлука за прекинување на сите активности од билатерален план во соработката со Србија на планот на одбраната“, кажа Хелез.
Тој објасни дека одлуката останува на сила сè додека министерот за одбрана на Србија не се извини за искажаното непочитување на државата БиХ и нејзината химна.
Тој најави и дека ќе бидат преземени мерки против сите офицери на оружените сили на БиХ одговорни за неспроведување на неговата наредба со која на Додик и уште две лица минатата недела им забрани влез во касарната Козара.