петок, 30 мај 2025

Министер на БиХ: Ќе го изгубиме надзорот врз својот воздушен простор

Министерот за сообраќај и врски на Босна и Херцеговина Един Форто потврди дека БиХ би можела да го загуби надзорот над својот воздушен простор поради проблемите со исплатата на долгот на словенечка фирма која ја тужи БиХ поради раскинатата концесија и тој процес го добила преку меѓународна арбитража. Словенечката фирма Вијадукт се избори државата БиХ да ѝ плати речиси 60 милиони евра бидејќи владата на Република Српска еднострано го раскинала договорот за концесија за градење хидроцентрала на реката Врбас.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Властите на РС ги одбија сите понуди на адвокатите на Вијадукт за спогодба, но бидејќи тој ентитет не е субјект на меѓународното право на крајот арбитражниот трибунал во Вашингтон ја прогласи државата БиХ одговорна за исплата на долгот.

Различните нивоа на власта во таа земја со месеци се расправаат околу тоа кој и како треба да го плати тој долг, а Вијадукт поради тоа активирала други механизми за наплата па преку суд во Брисел компанијата изнудила Европската агенција за контрола на воздушниот сообраќај (Еуроконтрол) да ги сопре трансферите на средства на кои БиХ односно нејзината агенција БХАНСА има право врз основа на договорите за прелетувања на авионите низ воздушниот простор на БиХ.

Вработените во БХАНСА, што значи и контролорите на летање, сега се соочени со намалување на платите како и можна целосна блокада на работата на таа агенција. Министерот Форто кажа дека тоа е огромен проблем за кој засега нема решение.

Како единствена опција гледа одлука на Советот на министри со која би се обезбедило привремено функционирање на агенцијата, бидејќи без тоа БиХ не само што ќе ги изгуби приходите од прелетувањата туку и потенцијално ќе го изгуби и надзорот над своето небо па сите аеродроми во БиХ ќе мора да бидат затворени. „Надзорот во тој случај ќе им биде препуштен на други држави. Враќањето (на надзорот) може да трае со години а можеби никогаш да не го добиеме. Ризикот е огромен“, кажа Форто.

Тој потврди дека е неизбежно државата БиХ да го подмири долгот кон Вијадукт, но покрај тоа е важно да се утврди како ќе се земат парите од оној кој ја предизвикал штетата, а тоа во овој случај е Република Српска.

Ненад Барош, еден од адвокатите на Вијадукт, потврди дека тие нема да се откажат од наплатата на долгот и дека се спремни на сите чекори, вклучувајќи запленување недвижности во сопственост на државата БиХ.

Република Српска, а со тоа и БиХ, се соочени со уште пет арбитражни постапки поради раскинати договори во вредност поголема од милијарда евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ