Нападот се случи вчера во областа Пахалгам на Хималаите, при што загинаа 25 Индијци и еден непалски државјанин. „Одговорноста за нападот на социјалните мрежи ја презеде малку позната милитантна група Кашмирски отпор“, соопшти полицијата.
Во соопштението на милитантната група се изразува незадоволство од фактот што повеќе од 85.000 „странци“ се преселени во регионот.
Милитантите велат дека жртвите не биле туристи, туку агенти на индиските безбедносни служби. „Ова не беше типична туристичка група, туку тајна агенција задолжена да истражува“, се вели во пораката.
Во пораката се додава и дека нападот „треба да послужи како повик за будење не само за Делхи, туку и за оние што ги поддржуваат сомнителните стратегии на Делхи“. Од друга страна, индиските безбедносни служби тврдат дека „Отпорот на Кашмир“ е параван за пакистанските милитантни организации како Лашкар-е-Таиба и Хезбул Муџахедин.
Пакистан изјави дека им дава само морална и дипломатска поддршка на бунтовниците во Кашмир.
„Загрижени сме поради смртта на туристите. Изразуваме сочувство до семејствата на загинатите и посакуваме брзо закрепнување на повредените“, изјави портпаролот на пакистанското Министерство за надворешни работи Шафкат Али Кан.
Во планинскиот туристички центар Пахалгам, вооружени напаѓачи отворија оган врз туристите. Трагедијата се случи во туристичка зона што интензивно се развива во последните години поради слабеењето на оружениот конфликт во регионот. Според безбедносните претставници, во нападот учествувале двајца или тројца милитанти.