Предлогот данокот, претставен кон крајот на октомври од страна на синдикатот на здравствени работници СЕИУ-УХВ, е замислен како еднократен данок на богатство од 5 проценти за лица во Калифорнија со нето вредност од 1 милијарда долари или повеќе. Доколку гласачите го одобрат на референдумот во ноември, тој би собрал околу 100 милијарди долари од околу 200 милијардери кои беа жители на Калифорнија на 1 јануари 2026 година.
Милијардерите се селат од Калифорнија
Според Фајненшл тајмс, некои добро познати милијардери го промениле своето место на живеење пред Нова ходина, а временската секвенца укажува дека станува збор за страв од воведувањето на новиот данок. Коосновачот на Гугл, Сергеј Брин, ги пресели своите 15 компании во Мајами. Американските медиуми објавија дека тој издвоил 173,4 милиони долари за нов дом во Флорида.
Вториот основач на интернет гигантот, Лари Пејџ, ги пресели своите компании кон крајот на минатата година. Според Њујорк тајмс, повеќе од 45 калифорниски друштва со ограничена одговорност поврзани со Пејџ неодамна поднеле барање за прекин на работењето или иселување од државата. Фонд зад кој наводно стои Пејџ, купил имот вреден 71,9 милиони долари во населбата Коконат Гроув во Мајами, во близина на резиденцијата на Брин.
Во осум часот наутро, на последниот ден од 2025 година, компанијата на милијардерот и технолошки инвеститор Питер Тиел објави дека потпишала договор за изнајмување нови деловни простории во Мајами. Неколку часа подоцна, фирмата за инвестиции во ризичен капитал Крафт венчрс, кооснована од милијардерот Дејвид Сакс, објави дека отворила канцеларија во Остин, Тексас.
Поделби меѓу демократите
Предлогот предизвика длабоки поделби во рамките на технолошката елита на Калифорнија и Демократската партија. Ро Кана, конгресмен кој ја претставува Силициумската долина, го поддржа данокот, додека гувернерот на државата, Гевин Њусом, им се придружи на технолошките лидери во опозиција. „Њусом се изјасни против тоа, но не очекувајте тој да предводи какви било протести“, вели Ден Шнур, професор на Институтот за владини студии во Беркли. „Ова е вид на прашање што ја дели Демократската партија на половина.“
Застапниците на данокот тврдат дека тој ќе ги надомести недостатоците во федералното финансирање кои ги погодуваат обичните жители на Калифорнија. Сузан Хименез, шеф на кабинетот на СЕИУ-УХВ, вели дека поголемиот дел од приходите би оделе за пополнување на празнините во здравствениот систем предизвикани од намалувањето на трошењето во законот донесен од претседателот Доналд Трамп.
„Ако не направиме ништо, се упатуваме кон колапс на здравствениот систем во Калифорнија, а тоа има реални последици“, кажа таа. „Итните соби ќе се затворат, болниците ќе се затворат. Постарите лица и ветераните ќе го изгубат пристапот до нега во домови за стари лица.“ Хименез додава дека приказната за егзодусот на милијардерите е претерана, истакнувајќи дека воспоставувањето живеалиште надвор од земјата е комплициран процес.
Отпор од Силициумската долина
За противниците како Сакс, предложениот данок се граничи со тиранија бидејќи нема да се наметнува врз основа на приход, туку врз вкупната вредност на нето средствата, од акции до уметност. „Ова не е еднократен данок“, кажа Сакс во својот подкаст. „Тоа е заплена на имот, заплена на приватен имот. Тоа поставува преседан дека можеме да дефинираме произволна група луѓе и да конфискуваме голем дел од нивниот имот бидејќи се политички непопуларни“.
Дариен Шанске, професор по право на Калифорнискиот универзитет во Дејвис и еден од авторите на предлогот, објаснува дека данокот е дизајниран на тој начин бидејќи богатството на повеќето милијардери е во акции и други нематеријални средства. „Идејата дека ова е некаков вид тиранија или дека е недостапна едноставно не е точна“, кажа тој.
Поддршка за данокот даде и Јенсен Хуанг, извршен директор на Енвидија, чие богатство се проценува на 155 милијарди долари. Тој кажа дека „воопшто нема проблем“ со плаќањето потенцијална даночна сметка од 7,75 милијарди долари. „Одбравме да живееме во Силициумската долина и какви даноци сакаат да применат, нека биде така“, кажа Хуанг.
Дилемата на Њусом
Гувернерот Њусом, кој има долгогодишни врски со технолошкиот сектор, предупреди дека ваквите предлози би можеле да ги оддалечат претприемачите и бизнисите. Во последниве години Шеврон, „Тесла“, Спејсекс и Хјулит Пакард ентерпрајз ја напуштија Калифорнија. Адвокатот Алекс Спиро, кој го застапува Елон Маск, испрати писмо до Њусом заканувајќи се со уставна тужба ако мерката помине.
„Нашите клиенти претпочитаат да останат во Калифорнија и да продолжат да придонесуваат за економијата и граѓанскиот живот на државата. Но, тие нема да останат ако бидат подложени на неуставна конфискација на нивното богатство“, напиша Спиро. Во меѓувреме, од страна на ризичниот капиталист Рон Конвеј, поддржувач на Њусом, беше формиран политички акционен комитет наречен „Стоп на цедењето“.
Што е следно?
Пред да дојде мерката пред гласачите, синдикатот СЕИУ-УХВ мора да собере 875.000 потписи за да се најде на гласачкото ливче во ноември. Ако помине, данокот ќе треба да се плати во 2027 година, со можност за плаќање во текот на пет години. И покрај отпорот, Хименез е „апсолутно убеден“ во успехот и верува дека дури и Њусом би можел да се предомисли.
„Цврсто верувам дека гувернерот и неговиот тим ќе мора сериозно да го преиспитаат својот став за ова, бидејќи нема друго решение за собирање 100 милијарди долари“, вели таа, предупредувајќи за потенцијално отпуштање на 145.000 здравствени работници.






