„Туѓи инфекции и бацили во Хрватска не сакаме, ниту ирански ниту израелски. Господата нека повелат да се однесуваат соодветно, ако не сакаат, тоа значи дека владата ги толерира“, изјави Милановиќ пред новинарите во Загреб, кога беше прашан за изјавата на израелскиот амбасадор, кој поради ова веќе беше поканет на разговор во кабинетот на претседателот.
Милановиќ додаде дека „тој службеник од Тел Авив речиси кажа дека во иранската амбасада среде Загреб има терористичко дувло“ и оцени дека тоа е вознемирување на хрватската јавност.
„Иран е навистина, кога станува збор за Блискиот Исток, исто како и Израел, склон кон одредени терористички методи. Што е убивањето во Газа ако не тероризам, а што е изживувањето на израелските војници туку тероризам. Сепак, кога станува збор за Европа, Иран не дејствува терористички во Европа, барем колку што јас знам“, истакна хрватскиот претседател.
„Ова е бате Загреб, а не Тел Авив“, му кажа Милановиќ на израелскиот амбасадор Корен.
Хрватскиот претседател кажа дека Хрватска „всушност нема никакви посебни односи со Иран“, но исто така повтори дека „Иран е членка на Обединетите нации која е нападната без мандат од ОН“.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој беше двапати избран како кандидат на опозициската Социјалдемократска партија на претседателските избори, претходно изјави, во врска со американско-израелскиот напад врз Иран, дека „секоја еднострана употреба на воена сила што го крши меѓународното право и ред е опасна бидејќи го загрозува мирот и глобалната безбедност не само денес, туку и во иднина“.
„Воена интервенција без мандат на Обединетите нации, на каква сведочиме денес во Иран, нема да придонесе за решавање на кризата, туку предизвикува дополнителна ескалација на конфликтот и долгорочна нестабилност“, истакна Милановиќ и ги осуди воените напади врз цивилите, без оглед на тоа од која страна доаѓаат.
Како и во многу други случаи, претседателот Милановиќ и владата предводена од премиерот Андреј Пленковиќ, кој е и претседател на владејачката Хрватска демократска заедница, немаат единствен став дури и во случајот на нападот врз Иран. За разлика од претседателот, кога владата зборува за нападот, тие ја истакнуваат само одговорноста на Иран.
Милановиќ постојано ја повикува владата да ја признае Палестина, додека остро ги осудува нападите на израелската армија врз цивилите во Газа. Тој постојано ја нарекува политиката на израелската влада „насилна“ и „криминална“.






