Германскиот канцелар Фридрих Мерц вчера изјави дека Европа треба поцврсто да ги потврди своите интереси за да гарантира мир и просперитет во 2026 година, и покрај предизвиците што ги претставуваат руската агресија, глобалниот протекционизам и променливите односи со Соединетите Американски Држави.
Во новогодишното обраќање, германскиот канцелар истакна дека „страшната“ војна што беснее на прагот на Европската Унија претставува директна закана за слободата и безбедноста на континентот.
„Сè појасно гледаме дека руската агресија е дел од план насочен кон цела Европа“, рече Мерц, додавајќи дека Германија секојдневно е изложена на саботажи, шпионажа и сајбер-напади.
Откако дојде на власт во Берлин во мај, Мерц помогна во надгледувањето на напорите на Европската Унија за поддршка на Украина против руската инвазија започната во февруари 2022 година.
Германската влада, исто така, ги зголеми своите трошоци за одбрана од 2023 година за да биде подготвена да преземе поголема одговорност, пренесува парискиот весник „Монд“ на својата веб-страница.
Мерц изјави дека протекционизмот во глобалната економија претставува дополнителен предизвик за Европа, чија зависност од увозни суровини, според неговата оценка, сè повеќе се користи како политичка алатка против континентот.
Односите со Соединетите Американски Држави, кои традиционално се гарант за безбедноста на Германија и на Европа во целина, станаа покомплицирани по враќањето на Доналд Трамп на власт во јануари.
„За нас, Европејците, тоа значи дека мораме поцврсто сами да се браниме и да ги потврдуваме своите интереси“, рече германскиот канцелар.
Мерц додаде дека Европа треба да биде водена од доверба, а не од страв.
„2026 година би можела да биде пресвртница за нашата земја и за Европа. Би можела да биде година во која Германија и Европа, со обновена сила, ќе им се вратат на децениите мир, слобода и просперитет“, изјави германскиот канцелар.






