Во своето вчерашно обраќање во германскиот парламент Бундестаг, Мерц ја нагласи вредноста на НАТО, во кое, како што рече, Европа ќе ја зајакне својата одбрана и додаде дека секогаш ќе бара соработка со Соединетите Американски Држави, но не како „потчинета“.
Тој им се придружи на другите европски лидери во отфрлањето на тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека неамериканските трупи во составот на НАТО ја избегнувале линијата на фронтот за време на војната во Авганистан.
Мерц зборуваше во германскиот парламент за надворешната политика една недела откако Трамп ја повлече својата закана за воведување нови тарифи за Германија и седум други европски земји кои се спротивставија на неговите најавени намери за преземање на Гренланд, полуавтономна територија на Данска, сојузник во НАТО и членка на ЕУ.
„Во последните неколку недели гледаме сè појасно дека почнува да се формира свет на големи сили. И во овој свет дува остар ветер, ќе го почувствуваме тоа во догледна иднина“, кажа Мерц.
Тој истакна дека ова отвора можности и за Европа, кога демократиите со отворени и растечки пазари ќе го бараат она што Европа има да им го понуди, односно „партнерства засновани на меѓусебно почитување, доверба и сигурност“.
„Не треба да потценуваме колку може да биде привлечен европскиот модел за нови партнери и нови сојузи. Ние сме исто така нормативна алтернатива на империјализмот и автократијата во светот“, им кажа Мерц на пратениците.
Германскиот канцелар ја нагласи вредноста на единството во понекогаш поделената Европска унија од 27 членки и кажа дека блокот минатата недела покажа дека може да дејствува брзо.
„Се согласивме дека нема повторно да бидеме заплашени со закани за царини“, порача Мерц.
Тој истакна дека „Европа исто така треба да го научи јазикот на политичката сила“ за да се наметне во светот што се менува, на пример со преземање поголема одговорност за безбедноста, со стремеж кон постигнување поголема „технолошка независност“ и со поттикнување на својот економски раст.
Мерц е силен заговарач на тоа ЕУ да склучи повеќе трговски договори, вклучувајќи го оној со јужноамериканскиот Меркосур и другиот склучен оваа недела со Индија.
Мерц кажа дека за Европската Унија и на него му е јасно дека, додека бара нови сојузи, не треба „небрежно да ги загрозува постоечките сојузи“, додавајќи дека „трансатлантската доверба е вредност сама по себе дури и денес“.
Тој кажа дека Европејците сакаат да го зачуваат НАТО и да го зајакнат и дека секогаш ќе им подадат рака на соработка на Соединетите Американски Држави.
„Во исто време, основата на овој водечки принцип останува… како демократија ние сме партнери и сојузници, а не потчинети“, додаде Мерц.
Тој посочи дека 59 германски војници загинале во Авганистан во текот на речиси 20 години додека биле распоредени во таа земја и дека повеќе од 100 биле ранети.
„Нема да дозволиме ова распоредување на војници, кое го извршивме и во интерес на нашиот сојузник Соединетите Американски Држави, денес да биде омаловажено и понижено“, порача Мерц.
Тој не го спомна директно интервјуто на Трамп од минатата недела во кое американскиот претседател кажа дека не е сигурен дека другите земји членки на НАТО ќе бидат таму за да ги поддржат САД доколку тие го побараат тоа и дека војниците на тие земји се држеле подалеку од линијата на фронтот во Авганистан.






