„Ни требаат економски односи со целиот свет, а тоа, секако, вклучува и земји како Кина“, кажа тој, истакнувајќи дека со него ќе патува и „голема економска делегација“.
„Надворешната политика денес е исто така и надворешна економска политика, а надворешната економска политика е клучен дел од нашата економска политика“, додаде тој.
Фридрих Мерц ќе биде примен од премиерот Ли Чијанг во Пекинг во среда, по што е закажана средба со кинескиот претседател Си Џинпинг. Германскиот канцелар ќе го посети Забранетиот град и германската автомобилска компанија Мерцедес-бенц. Потоа ќе отпатува во Хангжу за да ги посети кинеската компанија за роботика Унитри и германскиот производител на турбини Сименс енерџи. Според портпаролот на владата, дводневната посета ќе се фокусира на „конкуренцијата“ и наоѓањето „вистинска рамнотежа во соработката“.
Посетата доаѓа во клучен момент за Германија, чии производители на автомобили се соочуваат со сè посилна конкуренција од Кина. Германија се обидува да одржи силни врски со Кина и покрај одбивањето на Пекинг да ја осуди руската инвазија на Украина, но во исто време се обидува да избегне прекумерна зависност од трговијата со Кина.
Минатата година Кина повторно го зазеде местото на најголеми поединечен трговски партнер на Германија, со вкупна трговија од 251,8 милијарди евра, објави во петокот Германскиот федерален завод за статистика. Кина ја држеше таа позиција од 2016 до 2023 година, но беше претекната од САД во 2024 година. Додека трговијата со Кина порасна минатата година, трговијата со САД падна на 240,5 милијарди евра.
„Денес, Кина свесно се оддалечува од Соединетите Американски Држави и бара право да дефинира нов мултилатерален поредок според сопствените правила. Во таков поредок нема место за слобода на изразување, религија и медиуми. Напорите за промовирање на универзалната посветеност на човековите права таму се отфрлаат како мешање во внатрешните работи“, кажа Мерц.
Во својот говор, канцеларот Мерц спомна и дека традиционалниот меѓународен поредок заснован на правила повеќе не постои и дека е заменет со нов светски поредок доминиран од големите сили. За да може Европа да се справи со овие промени, таа мора да ги зајакне своите економски и воени капацитети и во исто време да бара нови трговски партнерства низ целиот свет.






