Во интервју за јавната телевизија ЗДФ, Мерц појасни дека, според него, Израел во моментов ја врши „валканата работа“ за целиот Запад. „Можам само да кажам дека имам целосно почитување кон израелската војска и кон израелското раководство што има храброст да го стори тоа“, рече тој, осврнувајќи се на нападот на Израел врз Иран.
Тој, исто така, нагласи дека би било добро ако иранскиот режим дојде до својот крај. „Се справуваме со терористички режим, и внатре и надвор. Би било добро кога овој режим ќе дојде до својот крај“, рече германскиот лидер на маргините на последниот ден од самитот на Г7 во Канада.
Во исто време, тој на дел од владата во Техеран ѝ понуди да се врати на преговарачката маса. „Сè уште постои можност дел од иранската влада кој е способен да дејствува да се врати на преговарачката маса и да одржи преговори. Понудата сè уште важи“, рече Мерц. Одлуката зависи од владата во Техеран, рече тој. „И ако не е подготвена да продолжи со преговорите, Израел ќе оди до крај.“