Зборувајќи на церемонија по повод доделувањето на наградата Карло Велики на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, Мерц се фокусираше на критиките упатени кон Европа во февруари од страна на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
„Потпретседателот на САД, Венс, нè соочи со ова прашање на свој начин во Минхен на почетокот на годината: Што е тоа што ние Европејците го браниме заедно? За што се залагаме заедно?“, рече Мерц.
Германскиот канцелар изјави дека Европа го има „најсилниот и најдобар одговор што може да се замисли“, пренесува Ројтерс.
„А тоа е дека ние во Европа се залагаме за она што го имаме, низ вековите, преку безброј неуспеси и катастрофи, за она што заеднички го зачнавме, развивме, постигнавме и за кое се боревме: имено, убедувањето дека слободата и демократијата вредат решително да се залагаме и, доколку е потребно, да се бориме да ги зачуваме“, рече тој.
Мерц истакна дека Германија работи на зајакнување на Европа и го поздрави „новиот дух на единство меѓу Европејците, наведувајќи ја како пример поддршката за Украина, како и обновувањето на трговските и одбранбените односи со Велика Британија претходно овој месец“.
Германскиот канцелар ја даде изјавата еден ден откако САД соопштија дека ќе воведат забрани за визи за странски државјани за кои веруваат дека ги цензурираат Американците, што би можело да вклучува и службеници кои ги регулираат американските технолошки компании.