„Разговаравме со голем број менаџери на фондови во последниве денови“, напиша Том Ли, раководител на истражувања во ФС инсајтс, во средата наутро, пред Трамп да ги отфрли повеќето царини за американските трговски партнери.
„Нивната загриженост е што Белата куќа не постапува рационално, туку идеолошки. Некои дури стравуваат дека можеби не се работи ниту за идеологија“, додаде тој. „Неколкумина тивко се прашуваат – дали е можно претседателот да е луд?
Коментарите на Ли ги објави „Њу рипаблик“.
Тој го обвини Трамп за економските последици и додаде: „Неколку функционери изјавија дека не сакаат, ниту очекуваат рецесија. А со доволно советници кои добро ја познаваат економијата, тие секако се свесни за тоа. Дополнително, фискална стимулација од 2 до 3 отсто од БДП, потребен за запирање на рецесијата, ќе ги неутрализира сите ветени кратења на државните трошоци“.
„Тоа е рационално гледиште“, напиша тој.
Некои менаџери на фондови, исто така, изразија сомневање за значајноста на некои од царинските мерки на Трамп.
Во средата, Трамп предизвика нова пазарна паника откако воведе големи царини за увоз од неколку земји, а потоа ја смени одлуката истото попладне и објави 90-дневна пауза на тарифите над основната стапка од 10 отсто – освен за Кина. Кога Кина одговори со објавување на царини од 84 отсто за американските стоки, Трамп одговори со ново зголемување на царините за кинески увоз, се до 125 отсто.
По објавувањето на паузата, пазарите нагло се зголемија – берзанскиот индекс СиП 500 порасна за 7 проценти за само неколку минути.
„Ако берзите повторно почнат да паѓаат, тоа ќе биде знак дека се соочуваме со продолжен период на заострување на финансиските услови“, напиша Ли во средата наутро, пред Трамп да ја промени одлуката и да воведе пауза. „Колку подолго трае оваа нестабилност, толку е поголем ризикот дека САД и светот ќе бидат турнати во непотребна рецесија“.
Трамп, наводно, одлучил да ги повлече тарифите откако го гледал интервјуто на Фокс њуз со извршниот директор на Џеј Пи Морган Чејс, Џејми Дајмон, во кое банкарот рече дека рецесијата е „веројатниот исход“ на новите трговски мерки. Според „Вашингтон пост“, Дајмон истакнал дека тарифите може да служат за одредена цел, но го повикал претседателот да му даде повеќе време на министерот за финансии Скот Бесент да постигне договори со други земји.
„Засега сè гледам смирено, но може да биде и полошо“, рече Дајмон.
На Трамп му беше поставено прашање од новинар во средата за тоа кога одлучил да воведе пауза во царините. „Би рекол утрово. Размислував за тоа последниве неколку дена. Прилично рано утрово“, одговори тој.
Еден ден подоцна, директорот на Националниот економски совет Кевин Хасет рече дека паузата е „заснована на искрени дискусии“ и дека приближно 15 земји веќе дале понуди до САД.
„Паузата е резултат на искрени разговори. Вчера наутро бев на повик меѓу претседателот Трамп и претседателот на Швајцарија, разговорот беше исклучително срдечен“, изјави Хасет пред новинарите во Белата куќа, пренесе Си-ен-ен.
Тој додаде дека очекува „значителен број“ светски лидери во Белата куќа во наредните недели.
Хасет, исто така, истакна дека трговскиот претставник на САД ја информирал Белата куќа дека „приближно 15 земји сега дадоа конкретни понуди кои во моментов се проучуваат и оценуваат за да се види дали се доволно добри за да му се претстават на претседателот“.