сабота, 14 јуни 2025

Мелони: Нефлексибилните зелени политики би можеле да ги уништат индустриските темели на Европа

Италијанската премиерка Џорџа Мелони предупреди дека нефлексибилните зелени политики би можеле да ги уништат индустриските темели на Европа и повика на повнимателен пристап кон еколошката транзиција, што би ја зачувал економската и социјалната стабилност.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По средбата во саботата со германскиот канцелар Фридрих Мерц, Мелони изјави дека со наметнување на електрификација, особено во автомобилскиот сектор, Европската Унија ризикува да ја поткопа европската производствена моќ.

„Често велам дека нема ништо зелено во пустината“, изјави Мелони за новинарите во Рим. „Пред какви било други чекори, мора да се бориме против опустинувањето на европската индустрија“, нагласи таа, додавајќи дека алтернативните горива како што се биогоривата и водородот мора да играат централна улога во зелената стратегија на Европа.

Мелони смета дека сегашниот регулаторен пристап на ЕУ е премногу нефлексибилен, наведувајќи дека ЕУ со таков пристап ги „скршила“ секторите како што е автомобилската индустрија. Таа, исто така, изрази загриженост за зависноста на Европа од синџирите на набавка за производство на електрични возила, во кои доминираат неевропски земји, нарекувајќи ја „стратешка ранливост“.

„Сè уште верувам дека е контрапродуктивно да се фокусираме исклучиво на електрична транзиција при што со синџирите на набавка не управува Европа, туку други актери“, рече Мелони.

Мелони ја повика Европската комисија да оди чекор понатаму во ревидирањето на клучните аспекти на Европскиот зелен план, вклучително и новите пресметки на емисиите што ќе го земат предвид целиот производствен циклус на возилото, а не само емисиите од издувните гасови.

Порано овој месец, Европскиот парламент гласаше за ублажување на правилата на кои подлежат европските производители на возила, што значи дека производителите нема да мора да ги исполнуваат целните вредности за емисиите на јаглерод диоксид за автомобили и комбиња претходно утврдени од ЕУ. Доколку овие правила останат на сила, европските производители ќе мора да платат казни во вредност до 15 милијарди евра.

По упорно лобирање, Европската комисија предложи да им се дозволи на производителите на автомобили целите за емисии на јаглерод да ги исполнуваат врз основа на своите просечни емисии во периодот 2025-2027 година, наместо само оваа година, објави Ројтерс.

Италија и Германија, двете најголеми економии во Европа ориентирани кон производство, треба да се стремат кон оживување на конкурентноста, рече Мелони, додавајќи дека автомобилскиот сектор е една област каде што билатералната соработка би можела да има одлучувачко влијание.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ