четврток, 22 мај 2025

Мелони како „вреден посредник“ меѓу ЕУ и САД

Доналд Трамп и италијанската премиерка изразија доверба во трговските односи и покрај царинските тензии меѓу Америка и Европа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на САД, Доналд Трамп и неговата блиска сојузничка, италијанската премиерка Џорџа Мелони, вчера во Вашингтон изразија оптимизам во врска со решавањето на трговските тензии кои ги оптоварија американско-европските односи.

Во моментов, Европската унија се соочува со увозни царини од 25% за челик, алуминиум и автомобили, како и пошироки царини за речиси сите други стоки, како дел од политиката на Трамп насочена кон земјите за кои тој тврди дека поставуваат високи бариери за американскиот извоз.

Мелони, седејќи спроти Трамп пред заедничкиот ручек во Белата куќа, рече дека е уверена дека можат да постигнат трговски договор. „Сигурна сум дека можеме да постигнеме договор и тука сум да помогнам“, рече таа.

Трамп рече дека генерално очекува наскоро да објави нови трговски договори, но дека не брза. „Нема да имаме речиси никаков проблем да постигнеме договор со Европа или со кој било друг, бидејќи имаме нешто што сите го сакаат“, рече Трамп.

Мелони рече дека ќе го покани Трамп да ја посети Италија. Таа наведе и дека очекува Италија на следниот самит на НАТО во јуни да објави како ќе успее да го исполни барањето на Алијансата секоја членка да издвојува по 2 отсто од БДП за трошоците за одбрана.

„Имаме многу добри односи, и меѓу нас и меѓу двете земји“, рече Трамп.

Мелони, 48-годишна конзервативка на која Трамп ѝ е наклонет, беше единствениот лидер од ЕУ поканет на неговата инаугурација во јануари. Одлуката на Трамп минатата недела да воведе 90-дневна пауза на повеќето глобални тарифи ублажи дел од притисокот врз Мелони, истакна Ројтерс.

Двајца високи американски функционери, кои ги информираа новинарите пред посетата, рекоа дека Трамп и Мелони имаат „посебен однос“ и дека Трамп ја гледа како „вреден посредник“ меѓу САД и Европа.

Едно од официјалните лица изјави дека Трамп во текот на разговорот јасно ќе стави до знаење дека „очекува Италија и цела Европа да дадат свој придонес и да бидат добри трговски партнери на САД“.

Средбата меѓу Трамп и Мелони се одржа еден ден пред Мелони денес да биде домаќин на потпретседателот Џеј Ди Ванс во Рим. Овие разговори би можеле да покажат дали премиерката ќе може да игра улога на посредник меѓу САД и Европа.

Според Ројтерс, Мелони балансира помеѓу својата идеолошка блискост со претседателот Трамп и своите врски со европските сојузници, кои го критикуваа зголемувањето на царините на Трамп и неговата одлука да ја исклучи ЕУ од разговорите со Русија за ставање крај на војната во Украина.

Мелони се соочува со притисок дома да ја заштити италијанската економија базирана на извоз, која оствари трговски суфицит од 40 милијарди евра во размената со САД минатата година. Истовремено, мора да покаже дека ги брани интересите на целиот ЕУ блок составен од 27 членки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ