недела, 8 февруари 2026

Мелони демонстрантите против ЗОИ ги нарече непријатели на Италија

Италијанската премиерка Џорџа Мелони ги осуди демонстрантите против Зимските олимписки игри и ги нарече непријатели на Италија по насилството што избувна за време на протестите во саботата навечер во Милано и по саботажните напади врз националната железничка мрежа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Инцидентите се случија на првиот ден од натпреварувањата на ЗОИ, кои Милано, финансиската престолнина на Италија, ги организира заедно со алпскиот град Кортина д’Ампецо.

Мелони ги пофали илјадниците Италијанци за кои рече дека работат на тоа Игрите да поминат без проблеми и да го прикажат позитивното лице на Италија.

„Потоа тука се и оние што им се непријатели на Италија и на Италијанците, кои протестираат ‘против Олимписките игри’ и обезбедуваат тие слики да се емитуваат на телевизиските екрани низ светот. Откако други ги пресекоа железничките кабли за да го спречат поаѓањето на возовите“, напиша Мелони во неделата на Инстаграм.

Група од околу 100 демонстранти фрлаа петарди, димни бомби и шишиња кон полицијата, откако се одвоија од главната маса демонстранти во Милано.

Се проценува дека околу 10.000 луѓе излегле на улиците во знак на протест поради трошоците за домување и еколошките проблеми поврзани со Олимпијадата. Демонстрантите носеа транспаренти со кои осудуваа низа прашања – од користењето вештачки снег и сечата на дрвја до кризата со домувањето во финансиската и модна престолнина на Италија.

„Игрите повеќе не се одржливи од еколошка или општествена гледна точка, нивното време истече“, изјави 29-годишната Франческа Мисана за АФП.

Критичарите на ЗОИ се жалат на влијанието на инфраструктурата врз кревката планинска животна средина, како и на широко распространетата употреба на вештачки снег, за кој интензивно се трошат енергија и вода.

Други велат дека Милано за многумина станал град во кој повеќе не можат да живеат поради растечките трошоци за живот, среде напливот на нови богати жители привлечени од даночната шема.

„Овие Игри беа промовирани како одржливи и трошочно неутрални“, рече Алберто ди Монте, еден од организаторите на протестите свикани од синдикати, групи за станбени права и активисти.

Но бидејќи станува збор за едни од географски најраспространетите Игри во историјата, кои се одржуваат на неколку локации расфрлани низ италијанските Алпи, потрошени се милијарди евра за изградба на патишта, а не за заштита на планините, изјави ди Монте за АФП.

Џовани Џајани (69) остро ја критикуваше одлуката за сеча на стотици дрвја за изградба на спорната боб-патека Милано–Кортина.

Италијанците протестираа и поради доаѓањето на агенти на американската Служба за имиграција и царина (АЈС), која е дел од обезбедувањето на американската делегација.

Полицијата употреби водени топови за да воспостави ред и приведе шест лица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ