понеделник, 23 февруари 2026

Мексико стана воена зона по убиството на најбараниот наркобос, туристите бегаат (ФОТО+ВИДЕО)

За само неколку часа по убиството на мексиканскиот наркобос Немесио Осегера, попознат како Ел Менчо, вооружени припадници на картелот Халиско почнаа да блокираат автопати во повеќе мексикански сојузни држави и да палат автомобили и деловни објекти. Во некои градови на туристите и жителите им беше препорачано да останат дома, додека на возачите на камиони им беа препорачани побезбедни рути или враќање во логистичките центри додека ситуацијата не се смири.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Немесио Осегера Сервантес, попознат како Ел Менчо, најбараниот човек во Мексико и водач на озлогласениот наркокартел Халиско нова генерација (ЦЈНГ), беше убиен за време на безбедносна операција. Мексиканскиот министер за одбрана потврди дека Ел Менчо починал вчера од последиците од тешките повреди добиени во судирите со војската, додека го превезувале во главниот град Сиудад де Мехико, пишува Би-би-си.

Во судирите во градот Тапалпа, во централно-западната држава Халиско, убиени се и четворица членови на картелот, а ранети се тројца припадници на војската.

Операцијата е спроведена со разузнавачка помош од Соединетите Американски Држави. Како одговор на убиството на својот водач, ЦЈНГ започна бран насилство во осум мексикански држави, палејќи автомобили, поставувајќи блокади на патиштата и напаѓајќи ги безбедносните сили.

Американскиот Стејт департмент издаде безбедносно предупредување за американските граѓани, советувајќи им да останат во затворени простории во државите Халиско и Тамаулипас, како и во некои делови од Мичоакан, Гереро и Нуево Леон. Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум Пардо ги повика граѓаните на смиреност. „Во поголем дел од земјата активностите се одвиваат нормално“, порача таа преку социјалната мрежа Икс.

Ел Менчо, 59-годишен поранешен полицаец, создаде огромна криминална организација одговорна за шверц на огромни количества кокаин, метамфетамин и фентанил во Соединетите Американски Држави. Американската влада нудеше награда од 15 милиони долари за информации што би довеле до негово апсење.

Мексиканското министерство за одбрана соопшти дека операцијата ја „планирале и спровеле“ специјални единици, со поддршка на воздухопловните сили и Националната гарда. За време на акцијата се запленети повеќе оклопни возила и оружје, вклучително и ракетни фрлачи.

Еден член на картелот Халиско нова генерација (ЦЈНГ) на Осегера изјави за Ројтерс дека пожарите и пукањето се одмазда за неговото убиство и предупреди дека би можело да дојде до нов бран насилство додека различни групи се борат за контрола над картелот.

„Нападите се изведени како одмазда за смртта на водачот, првично насочени против властите и од незадоволство“, рекол изворот, кој сакал да остане анонимен. „Но потоа следуваат и внатрешни убиства, бидејќи групите почнуваат да се борат за превласт“.

Хаос во Халиско и други држави

Очевидци забележале столбови чад над неколку градови, вклучително и Гвадалахара, еден од градовите-домаќини на претстојното Светско првенство во фудбал. Во туристичкото одморалиште Пуерто Ваљарта на брегот на Халиско, се проценува дека илјадници туристи останале заробени во хотелите поради немирите. Во текот на вчерашниот ден пристигнувале извештаи за вооружени напаѓачи на улиците на Халиско и други држави.

Гувернерот на Халиско, Пабло Лемус Наваро, преку социјалните мрежи им препорача на жителите да ги почитуваат предупредувањата и да останат во своите домови, додавајќи дека јавниот превоз во државата е запрен. Авиокомпаниите Јунајтед ерлајнс, Американ ерлајнс и Ер Канада ги откажаа летовите за Пуерто Ваљарта и Гвадалахара, додека летот на Делта од Атланта беше пренасочен.

Поранешниот американски амбасадор во Мексико Кристофер Ландау го опиша Ел Менчо како „еден од најкрвавите и најнемилосрдни наркобосови“, а неговата смрт ја нарече „огромна работа за Мексико, САД, Латинска Америка и светот“. Мајк Вигил, поранешен шеф на меѓународните операции на американската агенција за борба против дрогата (ДЕА), ја оцени операцијата како „една од најзначајните акции преземени во историјата на борбата против трговијата со дрога“.

Убиството на Ел Менчо претставува важна победа за мексиканската претседателка во борбата против наркокартелите. Овој успех би можел да го зајакне и нејзиниот однос со американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно се закануваше со директни напади врз картелите на мексиканска територија.

Минатиот јануари Трамп изјави дека по нападите врз бродови за шверц на дрога „сега ќе почне да удира и на копно“, додавајќи дека „картелите го водат Мексико“. Претседателката Шејнбаум тогаш одговори дека распоредувањето американски трупи преку границата „не е опција“. Меѓутоа, ако безбедносните сили не успеат брзо да ја стават ситуацијата под контрола, победата на мексиканската администрација би можела да остане во сенка на насилниот одговор на картелот.

Картелот Халиско нова генерација (ЦЈНГ) стекна озлогласена репутација со низа брутални напади врз безбедносните сили и функционерите. Меѓу другото, со ракетен фрлач урнаа воен хеликоптер, убија десетици државни службеници и ги обесуваа телата на своите жртви од мостовите за да ги заплашат ривалите.

Картелот, основан во Халиско во 2010 година, денес дејствува низ цело Мексико. Американската ДЕА го смета за главен ривал на моќниот картел Синалоа и проценува дека е присутен во сите 50 американски држави. ЦЈНГ е исто така клучен снабдувач со дрога за САД, заработувајќи милијарди од производството на фентанил.

Според податоците на американската Царинска и гранична служба објавени во јуни 2025 година, од октомври 2024 во САД се запленети 4182 килограми фентанил. Речиси целото количество, дури 96 проценти, беше пресретнато на југозападната граница со Мексико. Помалку од еден процент е запленет на северната граница со Канада, додека остатокот пристигнал по морски пат или бил откриен на други контролни точки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ